понеделник, 13 јануари 2025

Голо Брдо сѐ уште завеано од снег, прекината е наставата во училиштата

Поради обилните снежни врнежи, областа Голо Брдо во Албанија претежно населена со Македонци и понатаму е завеана во снег, па од денеска прекината е наставата во сите училишта во областа. Во еден случај на болно дете од селото Острени морало да интервенира и албанското Министерство за одбрана.

Објавено на

часот

Сподели

На ваквата, како што ја оценува, катастрофална состојба, реагираше Македонското друштво Илинден повикувајќи ја албанската влада и локалните власти на  општините Булќиза и  Либражд итно да ги преземат сите неопходни мерки за да се подобри тешката ситуацијата во областа Голо Брдо.

„Врнежите од снег во изминатите денови создаде тешка ситуација во областа Голо Брдо. Како резултат на големи врнежи од снег и ниски температури сите патишта што ја поврзуваат областа Голо Брдо се целосно блокирани. Македонско друштво Илинден-Тирана бара од Владата и од општините да преземат итни мерки за да се подобри ситуацијата“, пишува во соопштението на друштвото.

Претседателот Никола Ѓурај на фејсбук напиша дека состојбата со снего во Голо Брдо е катастрофална.

„Македонско друштво Илинден-Тирана ја повикува Владата, Општина Либражд и и Општина Булќиза итно да преземат сите неопходни мерки за да се подобри тешката ситуацијата во областа Голо Брдо. Врнежите од снег во изминатите денови создаде тешка ситуација во областа Голо Брдо. Како резултат на големи врнежи од снег и ниски температури сите патишта што го поврзуваат областа Голо Брдо се целосно блокирани. Македонско друштво Илинден-Тирана бара од Владта и од општините да преземат итни мерки за да се подобри ситуацијата“, напиша Ѓурај на фејсбук.

Во еден случај морало да интервенира и албанското Министерство за одбрана.

Денеска, припадниците на Третиот пешадиски баталјон, дел од пешадиски полк на копнените сили, интервенирале за транспорт на болното дете од селото Острени, областа Голо Брдо до градската болница.

Веста преку соопштение на фејсбук ја соопшти албанското Министерство за одбрана.

Се дознава дека детето првично било пренесено со воено возило од селото, а потоа е префрлено во Брза помош за да го продолжи патот до болница.

„Персоналот на Третиот пешадиски баталјон на северниот пешадиски полк на копнените сили успешно ја заврши операцијата за транспорт на болното дете од селото Острени, областа Голо Брдо до болницата Булќиза. Детето првично било пренесено со военото возило на Третиот баталјон, каде потоа било префрлено во Брза помош за да продолжи во болница. Оваа операција е пример за посветеноста и хуманоста на вооружените сили кои секогаш стојат покрај граѓаните во секоја вонредна ситуација“, се наведува во соопштението.

Областа Голо Брдо, која опфаќа 22 села главно населени со Македонци се протега долж албанско – македонската граница кај Дебар.

Со последната територијална поделба некогашните општини Требиште и Острени, територијално потпаѓаат под Општина Булќиза, додека Стеблево под Либражд. Сега функционираат како административни единици.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ