сабота, 27 јули 2024

Големите партии бегаат од прашањето за загаденоста во Македонија, реагираат невладини организации

„За големите партии дел од прашањата кои ги засегаат граѓаните и квалитетот во секојдневниот живот не се доволно важни за да добијат одговор! Не им се зборува многу за загадениот воздух, ниту за дивјачката и често криминална урбанизација по градовите, ниту за жртвите во сообраќајните незгоди, ниту за рудниците во земјоделските подрачја, ниту за малите хидроцентрали со кои на некои им се полнат џебовите додека на други им се празнат изворите за вода, ниту за распродажбата на државно градежно земјиште по багателни цени, ниту за прочистувањето на реките, ниту за проблемот со кучињата скитници, ниту за отпадот кој ги преплавува реките и улиците, ниту за бучавата…“, реагираат со заедничко соопштение повеќе независни граѓански иницијативи.

Објавено на

часот

Сподели

„Само партиите Твоја и Левица испратија одговори на 18-те прашања кои обединетите граѓански здруженија ги испратија до политичките партии и коалиции кои претендираат да ја создадат новата владина коалиција.

Со тоа означија уште еден избирачки циклус во кој покрај веќе познатите флоскули, паушални ветувања за нешто подобро, лоши видеа и ChatGPT разубавени говори за како од сега ќе биде подобро, не слушнавме конкретно решавање на прашањата кои нас, граѓаните на оваа држава, нашите семејства, нашите најблиски, нѐ чинат здравје, живот или во најблага варијанта заминување од државата.

Официјалните статистики детектираат 5.600 смртни случаи како последица на загадувањето, од кои 5.000 директно на опасните П.М 2,5. Дополнително застрашувачки бројки се оние кои се однесуваат на загрозеното здравје на жителите на Македонија, последиците кај новороденчињата и децата, цели генерации кои изминативе десетина години, со својата незаинтересираност ги доведовте во опасност. Финансиските реперкусии за нашата држава од загадувањето, светските агенции ги позиционираат на повеќе од половина милијарда евра годишно.

И сепак, претедентите за нова власта и оние кои се обидуваат да ја задржат старата, не  се одважуваат јавно да одговорат на 18 прашања кои се навидум едноставни, а особено важни за нашето квалитетно секојдневие во Македонија. Најголемите партии или немаат потенцијал, знаење или не најдоа за потребно да одговорат на конкретни прашања кои доаѓаат од нивните избирачи, од граѓаните кои треба да ги гласаат, да им веруваат и да го градат својот живот во држава во која се распослани партиски интереси и пресметки.

Не постои тема поважна од човековиот живот. Ниту ЕУ, ниту менување на устав, ниту повеќе права за едни, помалку за други може да се мери со илјадници изгубени човечки животи, со упропастени идни генерации и девалвирана територија со загаден воздух, почва, вода.

И бидејќи здравиот разум вели дека не е срамота нешто да не се знае, туку срамота е да не знаете кого да прашате, НИЕ ви подготвивме одговори и решенија за најгорливите проблеми со кои многу брзо ќе се соочите.

Одговорите на партиите кои испратија одговори како и нашите предлог стратегии ќе ги најдете на: www.sakamdaprasam.mk

Ние, граѓаните обединети во независни здруженија со еко агенда, со желба за позитивни промени и квалитетен начин на живот по примерот на европските, кои толку многу сакате да ги цитирате, но не и практикувате, остануваме одлучни дека ова се прашањата на кои мора да имате одговори и стратегија за решавање.

Нашиот притисок нема да попушти, ќе стане поинтензивен и подинамичен, а според вашето справување со проблемите, по потреба и радикален.

Ова се прашањата останати без одговор, без рок на реализација, без назначување на одговорно лице, без очекувања:

Загадување: Што конкретно ќе преземете во текот на следната година, во следните 3 и 5 години за бројката од 5.600 жртви од загадувањето да не расте, туку да се намалува и дали ги знаете економските последици од загадувањето и како ќе се справувате со нив?

Загадување: Кога ќе почнете и во кој рок ќе го завршите префрлувањето на 700 јавни објекти од мазут и нафта на незагадувачки енергенси за загревање и така ќе го спречите континуираното труење на граѓаните?

Загадување: Кои се вашите конкретни чекори за справување со отпадот во кој се гуши државата и како ќе се санкционираат општините коишто не се справуваат со отпадот?

Загадување: Дали имате јасен план за организирање на незагадувачки јавен транспорт во Скопје и поголемите градови?

Загадување: Дали ќе го „одмрзнете“ проектот за обележување на старите загадувачки автомобили, и нивно скалесто отстранување од сообраќај во денови на зголемено аерозагадување?

Загадување: Како ќе овозможите конечно да се спроведува Законот за бучава кој предвидува и со него предвидената државна мониторинг мрежа за мерење на бучава и како ќе воспоставите ефикасен систем за контрола и санкционирање?

Загадување: Кој е вашиот став за рудници во земјоделски региони, во близина на населени места и заштитени подрачја, како и за малите хидроцентрали по реките?

Загадување: Каде и колку пречистителни станици за отпадни води ќе изградите во овој мандат?

Загадување: Кога ќе направите фонд за животна средина од сите еколошки такси во државата?

Урбанизам: Кога ќе го смените Законот за градежно земјиште со кој се дозволува оној кој има 30% да може да откупи 70% од градежна парцела со државно земјиште? Kако ќе спречите приватизација на атрактивно државно земјиште по багателни цени?

Урбанизам: Кога и како ќе ја запрете легализацијата на дивоградбите и како ќе се справите со постоечките дивоградби и дивеењето на инвеститорскиот урбанизам?

Урбанизам: Која е вашата стратегија во неколку конкретни чекори да ја прекинете финансиската зависност на општините само од комуналии и издавање нови градежни дозволи?

Урбанизам: Што ќе правите со проектот Скопје 2014?

Владеење на право: Како ќе овозможите полесно да се спроведуваат локални референдуми и облици на непосредно изјаснување на граѓаните и следење на политиките?

Владеење на право: Дали ќе поддржите јавна расправа во Собранието за Изборниот законик по изборите?

Сообраќај: Како ќе го намалите бројот на жртви во сообраќајот и сообраќајниот хаос?

Комунален ред: Како ќе го вратите комуналниот ред во општините?

Кучиња скитници: Дали имате јасен план за справување со кучињата скитници на национално ниво?

За дообјаснување на проблемот кој ќе го наследите, за жешките прашања со кои ќе се соочите со првите постудени есенски денови, и новите топ листи на најзагадени во светот и неприкосновеното владеење на нашите градови, нашите активисти ќе стојат на располагање. Овие проблеми се заеднички, и немаат врска со бројчето на избирачкиот список. Но имаат врска со вашата волја, решителност и свесност за проблемите“ се вели во соопштението во кое во продолжение се наведен иницијаторите:

Граѓанска иницијатива Шанса за Центар – Скопје

O2 Иницијатива

Граѓанска иницијатива Зелен хуман град – Скопје

Граѓанска иницијатива Зелените од Гази Баба – Скопје

Граѓанска иницијатива Независни за Карпош – За заштита на Карпош- Скопје

Граѓанска иницијатива Заедно за промена – Скопје

Граѓанска иницијатива Стига е – Струмица, Босилово, Ново Село

Граѓанска иницијатива За Расадник на можности, за хуман живот во Кисела Вода – Скопје

Граѓанската иницијатива Грин.Орг – Кочани

Гражанска иницијатива Охрид СОС

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ