Во неколку града забележано е зголемено полициско присуство во близина на домовите на лица за кои во јавноста се врзуваа милионските тендери.
Во изминатите 30 години, РЕК Битола се соочи со серија корупциски скандали, кои го поткопаа најголемиот енергетски капацитет во земјата. Од манипулации со јавни тендери, корупција, до вработувања по роднинска линија и прикривање на еколошки прекршувања, низ годините се плетеше криминалната мрежа на злоупотреби и незконско работење. Скандалите вклучуваа злоупотреби на службена положба, финансиски манипулации, и пренасочување на средства кон блиски компании, што ја чинеа компанијата, но и државата милиони евра, а при тоа паѓаше ефикасноста на енергетскиот систем и се поткопуваше јавната доверба во институциите на системот. Додека некои од случаите завршија со незабележани судски постапки, повиците за реформи и отчетност остануваат на маса, за што е потребно системско демонтирање на коруптивната мрежа. Институциите се под притисок за конечно расчистување со ова „историско наследство“, кое го кочи економскиот и енергетскиот прогрес на земјата. Во текот на денот се очекуваат повеќе официјални информации од надлежните институции.
Според сознанијата на Плусинфо, осомничени за организирање на злосторничко здружение за злоупотреба на јавен повик за набавка на адитиви, со што е нанесена штета од 6,5 милиони евра, се 29 лица и 4 правни лица од Велес, Неготино, Битола, Кичево и од Скопје. Дел од имињата опфатени со големата акција на МВР за РЕК Битола се екс-директорите Васко Ковачевски, Стефанов и Матевски, а како клучни играчи се и велешаните Данчо Стојановски и Маја Јорданова.
.Васко Ковачевски, поранешен директор на ЕСМ и поранешен член на Управниот одбор на компанијата, близок соработник на поранешниот премиер Зоран Заев, е едно од звучните имиња опфатени во денешната акција на МВР, за откривање на повеќе дела поврзани со епскиот криминал во РЕК Битола, во ТЕЦ Осломеј и во ТЕЦ Неготино, за кој се говори подолго време.
Покрај Ковачевски, осомничен за кривичното дело „бессовесно работење во службата“, на списокот на осомничени е и Васко Стефанов, кој го наследи Ковачевски на позицијата генерелен директор на ЕСМ.
Со акцијата е опфатен и Пеце Матевски од Битола, поранешен директор на РЕК Битола.
Стефанов и Матевски се осомничени дека помогнале да се злоупотреби постапка за јавен повик, како членови на злосторничко здружение.
Комерцијалниот директор на ЕСМ, Ардијан Муча, пак, е осомничен за кривичното дело Злоупотреба на службена положба.
Станува збор за злоупотреба на јавен повик за набавка на адитиви за РЕК Битола и за ТЕЦ Осломеј, при што осомничените членови на злосторничкото здружение нанеле штета и стекнале противправна имотна корист од околу 6,5 милиони евра.
Како организатор на злосторничкото здружение е осомничено лицето Данчо Стојановски од Велес, кој бил комерцијален директор на ЕСМ пред Муча. Во потрага по докази, отворени се два сефа на Данчо Стојановски.
Како организатор е осомничена и Маја Јорданова од Велес, во својство на носител на договорот за адитивите. Името на оваа велешанка вработена во АД Пошта, сопственичка на приватна компанија без ниту еден работен ден, прв пат во медиумите се спомна во врска со милионска зделка за адитиви од Италија за државната ЕСМ, што ја добила како единствен понудувач.
Данчо Стојановски и Маја Јорданова се братучеди.
Со акцијата е опфатен и Небојша Стојановиќ од Неготино, исто така како организатор. Тој е поранешен директор на ТЕЦ Неготино. И неговото име се вртеше во медиумите, поради една поголема зделка што ја склучила фирма на неговата сопруга Милица со РЕК Битола, каде како потписник од другата страна се јавува осомничениот битолчанец Пеце Матевски.
Небојша Стојановиќ, брат му Ранко, татко му Мирко и жена му Милица се осомничени и за перење пари. Таму каде што е докажано дека постои кривичното дело „перење пари“, ќе се бара средствата да бидат замрзнати.