сабота, 27 јули 2024
РЕАКЦИЈА НА АВТОР

Поетесата Гогова: Каква контрола имаат институциите врз плагијаторството?

На 12 декември 2023, во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје беше промовирана поетската книга „Патот на водата“ од Гордана Каракашевска, која зад себе има веќе неколку прозни книги. „Патот на водата“ ѝ е трета збирка поезија. Печатењето на книгата е поддржано од Министерството на култура, кое ја вброило книгата меѓу литературните дела што добиле финансиска поддршка на годишниот конкурс за авторски дела од национален интерес. Откако ја прочитав книгата, имајќи ги предвид сите горенаведени факти (автор на повеќе дела, поддржана книга од Министерство за култура, промоција во градска библиотека), не можев да не реагирам јавно ѝ да укажам на плагијаторство.

Објавено на

часот

Сподели

Плагијаторството во нашата држава е регулирано со Закон за авторското право и сродните права (Сл. Весник на Р. Македонија, бр.115 од 31.8.2010 година), но сепак, авторката успева некако да ги заобиколи сите инстанци во кои би можела да биде спречена да објави книга што содржи плагијати на песни. Имено, првата инстанца е уредништвото на издавачот, потоа следува рецензентот, кој во овој случај ја потпишува и препораката до Министерството за култура за книгата да добие финансиска поддршка, трета инстанца е секако избирачката комисија, која ја доделила поддршката, а потоа и Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ Скопје, која го заведува делото и издава ЦИП – односно каталогизација во публикација.

Во добра бројка песни што се објавени во оваа книга Каракашевска презела стихови од „Сонцестој“, поетска збирка од Катерина Гогова, објавена во 2021 година.

Па така од оваа збирка и од песната „Песочен часовник“ која вели „Ќе ме сониш во глува ноќ/како ти доаѓам боса и жедна…“ , Каракашевска во „нејзината“ песна „Раѓање“ препишала: „Глува ноќ./Доаѓам боса и жедна.“. Во истата песна „Раѓање“ каде што Каракашевска продолжува со: “„Рацете ми се полни дарови/ветрови за твоите облаци…/Се изместува тлото,/се тресе небото./Мракот ме кине/и лесен ветар ме краде./Моите стихови мирно патуваат кон вечноста./Денот меко се раѓа“ , решила да преземе уште стихови од песната „Потрага“ од „Сонцестој“ („Чекориш цврсто и одмерено,/со раце полни ветрови…“), од песната „Писмо“: („Ќе ти дојдам/како дотек/совршена бура/ќе се стресе тлото/ќе се измести/небото…“) и од песните „Пролет во мај“ („Збогум мај,/трепетна птица сум/и лесен ветар ме краде…“) и „Зора“(„…Оваа тажна година,/без топлина, без заборав,/мирно патува кон вечноста./Моите стихови, пророци,…/Денот меко се раѓа,…“).

Па оваа пракса ќе ја продолжи низ повеќе песни, каде што во една песна краде стихови од дури седум песни од стихозбирката „Сонцестој“. Тоа го прави во песната „Ќерката на водите“ во која напишала: „…тргнува по недорек, недотек…/Со показалецот исцртува/мапи на нови градови/и полноќни неба…/Водени капки пороен дожд/плускаат по површината,/потоа долго свети водата/во слојот насобрана тишина./Нејзините деца сонуваат за бојата/на океанот/на полноќ, дур вселената се втишува./Таа е бистра вода, детелинка,/снежен облак што тивко,/без глас лебди над спомените./Таа е маглив спомен,/река замрзната во зима/дури трепнеш,/таа е во ветерно море,/остров е на кој забораваш за време.“, а всушност препишала стихови од следните песни од „Сонцестој“: „Сонот сонува“ („…нека тргнат по недорек, недотек.“), „Мисли“ („…во јагодиците на показалците,/со нив очајно исцртуваа/мапи на градови со полноќни неба.“), „Дожд“ („Долго потоа свети водата/од небесните извори.“), „Мир“ („Темно е кога врне во телото,/се откожува слојот насобрана тишина,…“), „Се што треба е малку“ („на полноќ се нишкаме/дури вселената се стишува.“), „Најтивка песно, судбино“ („Во секој сон ме следиш,/бистра водо, детелинке,/јас сум бела попадика,/ти снежен облак што тивко,/без глас ме одминува.“), и од „Сонце“ („дури трепнеш во ветерно море./Остров си жестока нежност,/во некои црвени/брегови тонеш/и забораваш време,“). Во песната „Замрзнати дождови“ Гордана Каракашевска („Од ова распарано небо/паѓаат замрзнати дождови./Од една до друга тишина има вечност…./Безбоен ветар носи лошо време.“) решила да украде поетски слики, директно или со менување на синтаксата, но со исти зборови и слично значење, и тоа го прави од следните песни на Гогова: „Илјада и една ноќ“ („…Убиј ме под ова/распарано небо,…“), „Зора“ („…Денот меко се раѓа,/од небото паѓаат/замрзнати дождови.“), „Привидна далечина“(„…од една до друга вечност тишини,/привидна далечина.“) и од песната „Премин“ („Чекори безбоен ветар во сенегалските ноќи,…“).

Потоа во песната „Капка“ (…Денот гасне, песна се раѓа./Меѓу мене и бескрајот – полна месечина./Ноќта осамено тоне во тишината./Темнината се буди./…дури сонот тивко спие.“) Гордана презема стихови со мали промени, додавање на сврзници и членување на зборови, а ги презема од следните песни од „Сонцестој“: „Штом денот во тебе гасне, песна на исток се раѓа“, „Добрината на боговите е наклонета кон љубовниците“ („… Ниту ноќен воздух/не ја мокри правта/што осамено тоне во тишина./ …темнината се буди,“) и од песната „Сонот сонува“ („…сржта низ око се шие/дури сонот уште тивко спие.“).

Гордана во својата песна „Љубовна“ („Езерска,/бисерна,/чиста капка/полна утринска светлина…/…Темницата копнее по полноќното сонце/како што копнее најдолгата ноќ по најдолгиот ден,/ми зборуваш додека се будам./Јато бели птици го бакнуваат расплаканото небо.“) пробува да го копира дури и водечкиот мотив на стихозбирката „Сонцестој“, која самата е поделена на два циклуси чии наслови гласат: „Темницата стои на другата страна: најдолгата ноќ“ и „Најдолгиот ден: копнеж за полноќно сонце“. Во истата оваа песна повторно краде стихови од следните песни од стихозбирката „Сонцестој“: „Тајна“ („Засолнета, езерна,/во твоите раце/бисерна,/капка вода/чиста и светла, …“), „Последно писмо“ („Некаде на север е лето,/јата бели птици нека ми ја однесат сенката, …“) и од „Март и ти“ („Зарем толку грев/насобрало/ова расплакано небо?“).

„Водата нешто носи“ пак е наслов на песна од „Патот на водата“ на Гордана Каракашевска, сместена во вториот циклус песни, но, всушност, е преземен наслов од поетската книга „Водата нешто носи“ на Марија Грубор од 2016 година.

Самиот наслов на оваа стихозбирка „Патот на водата“ е преземен од „Аватар: Патот на водата“, продолжение на филмот блокбастер „Аватар“ од 2009 година, нешто што авторката, која од неодамна е и вработена во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, сама го признава, тврдејќи дека во пишувањето на книгата била инспирирана од многу македонски автори поети. Тука се поставува прашањето дали авторката, на ист овој начин како од книгата „Сонцестој“ ја црпела својата „инспирација“ при пишувањето и на другите песни од нејзината нова збирка. И дали Гордана Каракашевска на ист начин ги пишувала и останатите свои дела?

По сево ова, како да се заштити авторското право, дали треба ретроспективно на овој начин да се открива плагијаторството и каква контрола имаат институциите на сето она што се објавува како авторско дело?

Јавно ги прашувам издавачот, уредникот, Министерството за култура, Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ Скопје дали некој воопшто ја прочитал книгата пред да даде зелено светло и финансиска поддршка за издавање и промоција. Води ли некој грижа за делата што се објавуваат на сметка на државата, каква е нивната содржина, зошто не се прави контрола и проверка на она што е напишано (препишано во случајов)?

Катерина Гогова

Поетеса, авторка на поетските збирки „Актите се кастрирани“ – 2018, „Пад во немирна вода“ – 2018 (десетти носител на признането „Бели мугри“, кое го доделува Домот на културата „Кочо Рацин“ Скопје), „Сонцестој“ – 2021.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ