среда, 29 мај 2024

Гоцевата дружина, објавена е уште една непозната фотографија од македонската историја

Истражувачите Диме Ратајковски и Душко Дуле Апостолски по повод годишнината од смртта на македонскиот револуционер и идеолог Гоце Делчев, за првпат од нивната приватна архива објавуваат уште една непозната и значајна фотографија за македонската историја. Фотографијата ја насловија „Гоцевата дружина“, а ги прикажува ликовите на најверните и најдоследни гоцеви другари и соборци, собрани и фотографирани на 4 мај 1938 година во Софија, по повод одбележувањето на 35-годишнината од неговата херојска смрт.

Објавено на

часот

Сподели

Централно на фотографијата е застаната најстарата сестра на Гоце, Руша Делчева – Чопова, жената која 40 години носеше црнина. Таа е првата жена заколната во македонското револуционерно движење, и тоа токму од Гоце. Таа е „сестрата“ на сите револуционерни дејци и „мајката“ на македонската револуционерна борба. Сестрата на Мицо Делчев, убиен како комита во 1901 година, сестрата на Милан Делчев, загинат во виорот на својата младост како востаник, на 20 години. Таа е најстарата рожба на Никола и Султана Делчеви. Руша со радост ќе го дочека ослободувањето на Македонија во 1944/45 и ќе рече: „…ќе умрам со тага во душата, дека не почекав да ја видам слободна цела Македонија, за која дадовме толку многу жртви“.

Лево над неа е Андон Чопов, нејзиниот сопруг, таткото на храбрите браќа Чопови кои млади ги положија своите коски врз македонската земја, следејќи ги идеалите на својот вујко Гоце.

Десно од Руша е револуционерот Туше Делииванов, еден од најдобрите Гоцеви другари и потписник на Апелот на Македонците во Бугарија, поздравувајќи и подржувајќи го формирањето на АСНОМ и Народно – ослободителната војна во Македонија. Поборник и застапник за македонската посебност и државност. До него е војводата Михаил Чаков (една од неговите последни фотографии), верниот чувар на посмртни останки на Гоце Делчев. До него е новинарот и публицист Митко Зафировски, уредникот на весникот „Гоце“ од 1938 година.
На фотографијата сѐ уште и Павел Шатев (втор ред, централно), велешкиот војвода Стефан Аврамов, историчарот Ангел Динев, војводата Алексо Мартулков, Георги Каранџулов (брат на прилепскиот војвода Никола Каранџулов), новинарот и уредник Коста Веселинов…

„Ова се луѓето кои застанаа зад Делчев, Македонија и македонството. Ова се луѓето кои будно го чуваа неговото име и спомен. Ова се луѓето кои ни го донесоа Гоце во Македонија. Ова се луѓето кои ја трасираа и обележаа патеката кон она што сме ние денес – Македонци“, вели Ратајковски.
И по 121 година од неговата смрт, името и делото на Делчев не престануваат да ги разгоруваат срцата на сите Македонци, осветлувајќи ги неговите слободарски подвизи и жртва. „Гоцевата душа мечтае за слобода и за безгранична љубов. Гоце во душата носи големо знаме – знаме на апсолутна слобода, на безгранична љубов, ама со пушка на рамо. Слободата никој не ја дава за џабе. Слободата мора да се освои. Ако продолжиме вака, да трпиме и да се делиме, ќе останеме робови со половина опинок. Ако го допуштиме тоа, подобро да не сме живи“, ќе го цитираат неговите современици. „Македонија се колне во него. Македонците се колнат изговарајќи го неговото име. Не се колнат во Исус, Бог или Богородица, туку во него“.

И токму тие, гоцевите другари, ќе ги зачуваат и ќе ни ги пренесат неговите идеали, во борбата за слобода и создавање на засебна македонска држава. Мисли и пораки кои гласно одекнуваат ден–денес. Нека му е вечна слава!

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ