сабота, 21 декември 2024

Главниот обвинител на Унгарија бара од парламентот на ЕУ да му го укине имунитетот на ривалот на Орбан

Главниот обвинител на Унгарија побара од Европскиот парламент да му го одземе имунитетот од кривичен прогон на главниот политички ривал на премиерот Виктор Орбан.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Пратеник на Европскиот парламент Петер Маѓар се соочи со обвинување за кражба. Споменатиот инцидент се случил на крајот на јуни, помалку од две недели по изборите за Европскиот парламент, на кои партијата на Маѓар, Тиса (Почит и слобода) освои речиси 30 отсто од гласовите и заврши на второ место зад владејачката партија Фидес на Орбан.

За инцидентот, кој произлегол од пресметка во ноќен клуб, првично беше објавено во медиумите под контрола на владата. Сега главниот обвинител на земјата, Петер Полт, поранешен член на Фидес, сака да покрене кривична постапка против европратеникот Маѓар.

Маѓар бил присутен во ноќниот клуб Уткерт во центарот на Будимпешта во раните утрински часови на 21 јуни кога влегол во жестока расправија со друг гостин, пишува Политико.

Според полицискиот извештај до кој дошол унгарскиот портал Телекс, гостин во клубот го снимил Маѓар како танцува со жена. Маѓар се спротивставил на ова, па настанала расправија, при што Маѓар му го грабнал мобилниот телефон на мажот од рака.

Подоцна било снимено како обезбедувањето го извело Маѓар од клубот, а потоа тој дошол на брегот на Дунав каде, според полицискиот извештај и обвинителството, фрлил „предмет со црна боја“ во водата. Маѓар признал дека му го одзел мобилниот телефон на мажот, но не призна дека го фрлил во реката.

„Ваквото однесување може да претставува кривично дело кражба. Мобилниот телефон вреден повеќе од 100.000 форинти (250 евра), по интервенција на полицијата ѝ е вратен на жртвата во исправна состојба“, се вели во соопштението на Канцеларијата на главниот обвинител.

Полт побара од претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола да му го укине имунитетот на Маѓар во Европскиот парламент за да може да биде кривично гонет.

Маѓар се огласи на Фејсбук со саркастичен коментар. „Колку може да биде брз и „ефикасен“ основачот на Фидес, Петер Полт. Каква е ситуацијата со Тони, другар главен обвинител?“, запраша тој. Тони се однесува на нерешениот случај во кој е вклучен шефот на кабинетот на Орбан, Антал Роган, кого Маџар го обвинува за корупција на високо ниво.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ