Пораката на германскиот канцелар Шолц, според Ковачевски, била исклучително јасна дека Германија останува еден од најпосветените партнери којшто дава најголема и најсилна поддршка на земјите од Западен Балкан.
„Канцеларот беше многу јасен дека Германија стои зад нас и дека она што е договорено со 27-те земји членки на ЕУ и е дел од Преговарачката рамка, практично е она, до што се придржуваат земјите членки и на ЕУ. Гаранција се земјите членки на ЕУ, особено оние коишто се најголеми и најмоќни, а тука спаѓа и Германија“, изјави денеска Ковачевски.
Посочи дека била изразена и германската поддршка во однос на гласањето на уставните измени за вклучување на други делови на народи вклучително и на бугарскиот народ во Преамбулата на нашиот Устав.
„Тоа е одлука што треба да се донесе до завршување на скринингот со цел процесот да не застане и да може Северна Македонија непречено да ги продолжи отворањата на поглавјата и реформите што ќе следуваат, за што повторно ќе бидат потребни две третини во Собранието во делот на реформата на правосудството, јавната администрација, медиумите. Се се тоа закони што се менуваат со две третини мнозинство. Затоа велам дека овој тип на гласање и реформи не треба да бидат дел од дневно политичка дебата“, рече Ковачевски.
Повтори дека уставните измени се процес којшто не треба да се брза, туку треба да помине низ широка општествена дебата.
Тој потсети дека на лидерската средба беа прифатени сите барања кои ги имаа ВМРО-ДПМНЕ и нивниот претседател Христијан Мицкоски и напомена оти сега треба им да се даде простор тој процес кај нив да се усогласи, и да може да се приклучат кон процесот на носењето на уставните измени.
„Сметам дека опозицијата треба да се вклучи во овој процес. Овој процес не е процес на еден човек, на една Влада или на една политичка партија. Ова е широк општествен процес каде што се носат и ќе се носат одлуки во иднина, за кои е потребно дво третинско мнозинство, без разлика која политичка партија е на власт. Сите пратеници во Собранието имаат обврска да работат за граѓаните бидејќи нив граѓаните ги избрале и мислам дека има капацитет нашето Собрание да донесе таква одлука“, рече Ковачевски.
Како што напомена, постои доволно време пред нас, за предлогот да биде доставен до Собранието. Тој потенцираше дека предлогот треба да се разгледа во Собранието преку демократска дебата.
Согласно Преговарачката рамка, како што посочи, уставните измени треба да бидат донесени до денот на одржување на Втората меѓувладина конференција.
„Втората Меѓувладина конференција е дел од Преговарачката рамка. Во моментот кога завршува скрининг процесот, се прават извештаите и без никакво одложување се закажува Втората меѓувладина конференција. До одржувањето на Втората меѓувладина конференција, треба да бидат направени уставните амандмани. Нивното стапување на сила треба да биде на денот или пред денот на одржување на Втората меѓувладина конференција, но, не после денот на одржување“, потенцираше Ковачевски.
Во контекст на евроинтеграцискиот процес на Македонија, Ковачевски рече дека Бугарија треба да покаже на сите нивоа на своето политичко делување дека се залага за интеграција на целиот регион на Западен Балкан во Европската Унија.
Верувам дека за тоа се залагаат и сите партии коишто се во коалициската влада во Бугарија, изјави Ковачевски.
Ковачевски рече дека очекува соработката да продолжи во насока на тоа што го покажа владата на Кирил Петков во последните денови со гласањето на Резолицијата во бугарското Собрание, посочувајќи дека практично тие партии сега се дел од коалициската влада во Бугарија, која сега има ротациски премиер на девет месеци.
„Сметам дека соработката треба да продолжи во таа насока“, изјави Ковачевски.
Кирил Петков, подвлече Ковачевски, е човек со кого најдовме заеднички јазик минатата година за одблокирање на патот на земјата во интергациите во ЕУ.
„Тој е претседател на партијата Продолжуваме со промените во Бугарија. Се работи за еден авангарден политичар, кој што сака да зборува за иднината, нови технологии, унапредување на транспортот и соработката меѓу земјите и тоа се темите на коишто треба да ја градиме нашата соработка како соседни држави“, изјави Ковачевски.
Прашан што очекува и дали се планирани средби со новата влада во Бугарија, Ковачевски рече дека имал телефонски разговор со новиот бугарски премиер Николај Денков и дека очекува да се види со него на Самитот на НАТО во Вилнус.
„Веројатно ќе се видиме со бугарскиот премиер на Самитот на НАТО во Вилнус, бидејќи јас ќе ја предводам нашата делегација. Не знам точно кој ќе ја предводи бугарската. Меѓутоа секако дека ќе се видиме“, изјави Ковачевски