сабота, 27 јули 2024

Ѓуровски: Одборот за акредитација почнува политика на поголема отвореност

Одборот за акредитација на високото образование денеска одржа работна средба и седница на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Претходно на работна средба со раководството на УГД се разговарало за заеднички проекти, акредитација на програми и развојот на високото образование.

Објавено на

часот

Сподели

Претседателот на Одборот за акредитација на високото образование проф. д-р Марјан Ѓуровски истакна дека новото раководство на Одборот почнува политика на поголема отвореност и посети на високообразовните институции.

„Овој процес го започнуваме токму од Универзитетот Гоце Делчев затоа што сметаме дека овој универзитет е одличен пример за тоа како треба да се дигитализира процесот на високо образование во целата држава. Покрај работната посета, којашто ја имавме со ректорот и проректорите на УГД, ние денес ќе одржиме и седница во ректоратот на УГД“, рече Ѓуровски.

Покрај редовната соработка за акредитација на студиските програми, Одборот и УГД  планираат соработка и во делот на апликација на заеднички проекти со цел унапредување на високото образование.

„Почестени сме што денес како гости ги имаме членовите и претседателот на Одборот за акредитација на високото образование. Ние сме отворени за поблиска соработка во делот на развојот и дигитализација на високото образование. Сметаме дека ваков отворен пристап ќе придонесе за поголем квалитет во високото образование“, изјави ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски.

На работната средба се разговарало и за интернационализација на високото образование со акредитирање на поголем број студиски програми на англиски јазик што ќе придонесе до поголем квалитет на високото образование и за поставување на нашите универзитети на мапата на светски универзитети и зголемена видливост за студенти од странство. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ