Ова денеска го потенцираше претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски на заедничката прес-конференција со директорот на Универзитетската клиника за хируршки болести во Скопје, Небојша Настов и портпаролките на Владата, Марија Митева и Венера Љатифи Азизи.
Подвлекувајќи дека особен акцент е ставен на објектите во кои престојуваат деца и млади, Ѓорѓиевски истакна дека инспекциските контроли ќе бидат континуиран процес и во наредните недели и месеци систематски ќе се проверуваат сите објекти во државата, со цел сите јавни и приватни објекти каде се собираат луѓе, било да се образовни, здравствени институции, спортски или културни објекти или угостителски локали, да бидат безбедни.
Тој нагласи дека е воспоставена тесна и силна координација со Владата и лично со претседателот на Владата, од првиот момент по несреќата во Кочани, со единствена цел – брза и усогласена акција за надминување на состојбата.
Според Ѓорѓиевски, предизвик претставува недоволниот број инспекциски служби, особено во помалите општини. Ѓорѓиевски информираше дека во Општина Кисела Вода имало двајца инспектори за домување, а во многу од општините, како што рече, нема инспектори за домување, немаат градежни инспекции, комунални инспектори. Тоа, истакна, дека тој предизвик ќе мора заеднички да се решава и во наредниот период ќе се спроведе меѓуопштинска соработка.
Градоначалникот Ѓорѓиевски посочи дека ЗЕЛС ја презема улогата на координатор на сите активности на локално ниво, за меѓусебна помош и споделување на ресурсите и знаењата. Инспекциските капацитети, најави тој, ќе се стават на располагање таму каде има потреба за да може секоја општина темелно да ги провери сите објекти на својата територија.
Во поголемите општини, како што рече на прес-конференцијата Ѓорѓиевски, веќе се спроведуваат детални контроли на објектите, документацијата на објектите и почитувањето на сите безбедносни стандарди. Се внимава дали објектите имаат исправна протипожарна опрема и функционални противпожарни хидранти, дали електринчните инсталации се безбедни и соодветно одржувани, постојат ли јасно обележани и функционални евакуациони патеки и планови, како и дали се поседуваат сите потребни документи и безбедноси елаборати.
„Ќе има нулта толеранција за евентуалните неправилности. Ќе се преземаат решителни мерки согласно надлежностите на локалната самоуправа“, рече Ѓорѓиевски и ги повика граѓаните ако забележат небезбедни услови да ги пријават.
Ѓорѓиевски најави дека утре ќе има седница на Управниот одбор на ЗЕЛС, на која се поканети градоначалници на поголемите општини во државата, а ќе се направи детален пресек за состојбата во општините.
Тој информираше дека во Кисела Вода, во сите градинки, училишта, спортски сали и Домот на културата, се извршени проверки, и нема утврдено аномалии, односно сè е исправно.
„Влегуваме во строга контрола и во станбените згради, каде треба да има соодветна хидрантска мрежа, скали за пожар и да ги исполнуваат основните елементарни услови. Во Кисела Вода изминатата недела се проверни околу 40 згради, постарите згради кои се градени после земјотресот, таму не се исполнуваат стандардите. Таму ќе треба да се остави простор куќните совети да си преземат дејствија, ако не ќе си преземеме активност и ќе ги казниме истите. Ние мора да воспоставиме систем и ред во оваа држава“, рече градоначалникот на Општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Ѓорѓиевски.