Општина Ѓорче Петров денеска соопшти дека инспекторите од Одделението за инспекциски работи веќе излегле на терен да ја утврдат фактичката состојба на локалите. Сопствениците на објектите, се додава во соопштението, се должни да ги поседуваат и прикажат документите кои се потребни за локалот да работи според законските прописи.
При проверките, потребно е локалите да поседуваат елаборати за противпожарна заштита и за животна средина, решенија за урбана опрема, за вршење угостителска дејност надвор од објект и за вршење дејност, како и тековна состојба.
Од Општина Ѓорче Петров апелираат документите да бидат навремено подготвени и соодветно прикажани за време на инспекцискиот надзор.
Во однос на училиштата, информираат дека сите училишта на територија на Општина Ѓорче Петров поседуваат елаборати, односно План за заштита и спасување од природни непогоди и други несреќи, Правилник за заштита од пожари и експлозии и Процена на загрозеност од природни непогоди и други несреќи, а ПП апаратите се навремено сервисирани.
Општина Струга денеска најави дека градоначалникот Рамиз Мерко ќе иницира координиран инспекциски надзори со сите надлежни инспекциски служби во општината во сите локали и деловни објекти што вршат услужни и дејности од областа на угостителството и туризмот.
Општината ги известува сопствениците на деловните објекти дека се должни, на лице место да имаат подготвено оригинали или фотокопии од одобренија за вршење дејност и поставување урбана опрема, елаборат за поставување урбана опрема, тековна состојба, имотен лист за деловен објект, елаборати за заштита на животната средина, заштита од пожари, лична карта на одговорно лице, телефонски број, лице за контакт и службен е-маил .
„Овие документи треба да бидат подготвени и да ги поседуваат лицата кои управуваат или работат во локалот, како би можеле да ги приложат на инспекторите при вршење на надзорот. Треба да имаат и фотокопија за потребите на инспекциската постапка. Притоа, контролите ќе се одвиваат врз сите локали на територијата на општина Струга, а за сите констатирани неправилности, инспекторите ќе издадат решение за отстранување недостатоци согласно закон, како и прекршочен платен налог“, пишува во информацијата на Општина Струга.
Доколку се најдат неправилности, а инспекторот констатира дека е надвор од негова надлежност, според наведеното, ќе се состават записници, кои ќе бидат испратени за натамошна постапка до надлежен инспектор.