петок, 24 јануари 2025

Ѓоковиќ: Направив сѐ што можев, но повредата беше посилна

Новак Ѓоковиќ вели дека не знае дали ова е неговиот последен Австралија опен, тој денеска поради повреда го предаде полуфиналето против Александер Зверев.

Објавено на

часот

Сподели

Ѓоковиќ уште на мечот со Алкараз се пожали на повреда, тогаш успеа да се врати и да продолжи, но не и денеска кога го предаде дуелот со Зверев.

„Не фатив тениски рекет од мечот со Алкараз до еден час пред денешниот натпревар. Направив сѐ што можев за да ја санирам повредата на мускулот. Лекови, протези, физикална… тие малку помогнаа денес, но кон крајот на сетот почувствував сѐ повеќе и повеќе болки и беше премногу. Се обидов, но повредата беше посилна“, рече Ѓоковиќ по мечот.

„Не знам дали е ова последниот Австралија опен за мене, треба да видиме како ќе помине сезоната. Сакам да продолжам, но ќе видиме наредната година каков распоред ќе имам. Најголемите успеси сум ги имал тука, па ако сум здрав, фит и мотивиран, не гледам причина зошто не би настапил“.

Новак вели дека ако го добиел првиот сет можеби ќе го продолжел мечот, но не верува дека и во таков случај би останал многу подолго на теренот.

„Ако го добиев првиот сет, можеби ќе пробав уште некој гејм или половина сет, не знам. Можеби ќе се обидував уште, но стануваше сѐ полошо и полошо. Знаев дека борбата ќе биде голема, а ако го освоев сетот ќе продолжев уште“.

Тој не знае дали ќе настапи на турнирот во Доха кој му е следен пријавен.

„Кога ќе се вратам во Европа ќе видам со медицинскиот тим каква е состојбата и ќе решиме што е најдобро за мене. Пријавен сум за Доха кој е за неколку недели, но не знам дали ќе играм“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ