четврток, 26 декември 2024

Гир: Верувам дека интересот на целата земја е да продолжи по патот кон ЕУ

Во интерес на Македонија е да продолжи по патот на ЕУ, а Унијата е подготвена да работи со новата влада и со сите кои го поддржуваат реформскиот процес, изјави амбасадорот на Европскaта Унија (ЕУ) во земјава Дејвид Гир пред отворањето на изложбата „Обединети во различноста“ по повод 20 години од најголемото проширување на Европската Унија. 

Објавено на

часот

Сподели

„Мојата порака би била и до владата и, всушност, до целата земја. Верувам дека интересот на оваа земја е да продолжи по патот кон Европската Унија. Ние во Европската Унија сме подготвени да работиме со новата влада и со сите кои го поддржуваат реформскиот процес, што е неопходен за приклучување кон Европската Унија, и ќе направиме сè што можеме за да ѝ помогнеме на оваа земја да напредува на патот кон ЕУ“, изјави Гир.

Тоа е задача, додаде евроамбасадорот, која пред сè ќе биде за владата, но не само за неа туку, рече, ќе биде потребна поддршка и од  сите клучни актери од целиот политички спектар.

„Со други зборови, проширувањето треба да биде национален проект кој ќе ги обедини сите да работат на реформите, да ги спроведуваат неопходните мерки, со цел да се приклучат кон Европската Унија што е можно поскоро“, истакна Гир во изјава пред отворањето на изложбата „Обединети во различноста“ по повод 20 години од најголемото проширување на Европската Унија. 

Амбасадите на Чешка, Унгарија, Литванија, Полска, Словачка и Словенија во Скопје вечерва одбележаа две децении членство во Европската Унија.

Чешка, Естонија, Унгарија, Летонија, Литванија, Малта, Полска, Кипар, Словачка и Словенија пристапија во Европската Унија на 5 мај 2004 година и тоа проширување на ЕУ со десет нови членки беше најголемо по број на држави и население. Седум од државите потекнуваа од поранешниот источен блок, една држава од поранешна Југославија и две земји средоземни острови.

На специјална изложба низ паноа беа претставени податоци за напредокот и учеството на секоја од земјите во заедничкото европско семејство во изминатите две децении, а амбасадорите на шесте земји кои учествуваа на настанот ги потенцираа придобивките од споделените европски вредности и бенефитите за добросостојбата на нивните граѓани.

Настанот го отвори шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Дејвид Гир, кој нагласи дека тоа „Биг бенг проширување“ е историско за Унијата и, како што рече, тоа беше „дефинитивен чекор напред во помагањето да се врати Европа во поприродна политичка географија, каде што сме обединети заедно во Европската Унија“.

„Моите колеги ќе зборуваат за придобивките што ги донесе проширувањето за нивните земји, но би сакал овде да ги споменам придобивките што проширувањето ги донесе за Европската Унија за 74 милиони граѓани во 2004 година и, секако, имавме уште три земји кои се приклучија оттогаш. Ова е масовно зголемена трговска размена, ја поттикна економијата, го поттикна финансирањето на Европската Унија, донесе иновации, креативност, разновидност во ЕУ, ја зголеми нашата позиција како меѓународен актер. Беше од огромна корист, не без предизвици, се разбира, тоа е природата на овие процеси“, рече Гир, додавајќи дека проширувањето во 2004 година е вистински историски момент во историјата на Европската Унија, самата Европа и имаше огромно влијание врз граѓаните во Унијата.

Следното проширување на Европската Унија беше во 2007 со приклучувањето на Бугарија и Романија, а шест години подоцна Хрватска стана ЕУ-членка што беше и последно проширување на Унијата. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ