сабота, 27 јули 2024
Интервју

Гештаковска Алексовска: Жените што заработуваат свои пари полесно излегуваат од насилен брак

Семејното насилство е доста честа појава, а три до пет жени во земјава сметаат дека насилството е и вообичаена појава. Жаклина Гештаковска Алексовска од Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА вели дека насилството има долгорочни разорни ефекти врз животот на жените и нивните семејства. Со неа зборуваме за тоа што значи финансиската независност кај жените и дали кај нас жените умеат да го препознаат насилството, или сѐ уште се живее со стереотипот дека шлаканицата од партнерот е заслужена и треба да се трпи оти лутината ќе му помине.

Објавено на

часот

Сподели

Семејното насилство и родово-базираното насилство е честа појава, но знаат ли жените кај нас да го препознаат?

– Родово-базираното насилство врз жените е глобален феномен што е присутен во различни форми во сите земји, региони и култури. Последиците од насилството, како врз животот на жртвата (или преживеаната), така и на семејството и општеството како целина, се огромни. Во Северна Македонија родово-базираното насилство врз жените е прилично распространето. Три од пет жени сметаат дека насилството врз жените е вообичаено, а речиси три од десет сметаат дека тоа е многу честа појава. Околу една од пет жени лично познава некој во нивното семејство и во нивниот потесен круг што доживеале некоја форма на семејно насилство. За жал, овој тренд се зголемува. Во последните години е уште позастапено насилството преку злоупотреба на технологијата или т.н. онлајн-насилство. Насилството, покрај физичко, може да биде психичко, економско, може да биде демнење, сексуално вознемирување, сексуално вознемирување преку интернет, сексуално насилство или силување, присилен брак, присилен абортус или стерилизација, трговија со жени или присилна контрола, семејно насилство, насилство од интимен партнер итн.

За жал, најчесто се препознава само физичкото насилство, па така често пати останатите форми на насилство остануваат непрепознаени, а тие во најголем број случаи не исчезнуваат, туку траат и преминуваат и во друга форма на насилство. Непрепознавањето на насилството се должи на „нормализација“ на насилството, патријархалните воспоставени улоги на мажот и жената во општеството, семејството или заедничката врска, традиционалните улоги и стереотипи што ги обликуваат однесувањата на луѓето, срам, страв и недоволна информираност за сопствените права и обврските што од нив произлегуваат.

Каква е поддршката на УНФПА во доменот на родово-базираното насилство?

– Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА, активно и долгогодишно се залага против родово-базираното насилство преку поддршка и соработка со одговорните институции на државите и со граѓанскиот сектор како значаен чинител. Почнувајќи од развојните проекти, преку програми фокусирани на родовата еднаквост, УНФПА работи кон искоренување на родово-базираното насилство. УНФПА во Северна Македонија соработува со сите вклучени национални институции, во чиишто рамки е и поддршката на Министерството за труд и социјална политика, со финансиска поддршка на Британската амбасада во Скопје, за операционализација на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, донесен во 2021 година. Во текот на три години, изработивме многу – Протоколот за меѓусебна соработка на надлежни субјекти за преземање мерки за превенција, спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, што беше изработен во исклучително инклузивен процес, потоа правилници, материјали за обука, а го оформивме и првиот регистар на обучувачи за обука на професионалци за мултисекторска соработка во родово-сензитивно обезбедување услуги на жртвите на насилство врз жени и семејно насилство.

За првпат развивме Програма за реинтеграција на жртви, којашто е клучна во давањето поддршка преку домување, образование, вработување, здравствени услуги и целосна реинтеграција во средината. Програмата го заокружува процесот со реинтеграција на жртвите и вклучување на сите други институции и организации на локално ниво.

Заедно со партнерите, изработивме стандарди на професионалци за работа со сторители и обучивме професионалци од шест центри за социјална работа и едно граѓанското здружение. Со оваа активност се затвора кругот на услуги што се неопходни за справување со родово-базирано насилство и семејно насилство и системски одговор.

Идентификуван е модел на соработка на локално ниво за поддршка на шелтер центар, што го реплициравме во различни општини. Моделот се заснова на мобилизирање на поддршката од сите чинители – институции од полето за социјална и здравствена заштита, полиција, граѓански организации, бизнис-сектор, медиуми, верски заедници и граѓаните.

Изработивме модел на интегрирано собирање и анализа на податоци за родово- базирано насилство и семејно насилство бидејќи овие податоци треба да ја дадат вистинската слика за насилството и се основа за носење на потребните политики.

Истовремено, направивме анализа на функционирањето на СОС-линиите со препораки за подобрување на услугите. Покрај ова, одржавме серија обуки за јакнење на капацитетите на операторките на СОС-линиите, коишто се најчесто првите професионалци на кои им се обраќаат жртвите.

Како една значајна активност е континуираната кампања за подигање на јавната свест за услугите што им се на располагање на жртвите и на преживеаните. Соработката со медиумите е едно од нашите најзначајни партнерства и на национално и на локално ниво. Исто така, особено сме горди на локалните настани во помалите заедници, каде преку различни партнерства, дискутираме и ги информираме ранливите групи коишто немаат доволно достапни информации за услугите што им се на располагање.

Би сакала да ја споменам и иницијативата на УНФПА, кампањата @bodyright – право да го поседувате своето тело во дигиталниот свет – социјално движење што придонесува за јакнење на свеста и знаењето за тоа што претставува онлајн насилство односно насилство преку злоупотреба на технологијата. Тоа е едно од брзорастечките форми на насилство што ги поминува границите на една територија и за кое се потребни регионални и глобални интервенции.

Дали според вас е насилство „види се каква си, за ништо не те бива“, бидејќи голем дел од жените сметаат дека тоа е нормално, дека и шлаканицата е нормална појава и дека дури можеби ја заслужиле и, дали „извини, нема да се повтори“ ги поправа или ги влошува работите?

-Секое навредување, омаловажување, вознемирување или вербална закана е форма на психичко насилство. Психичкото насилство најчесто му претходи на физичкото и многу е важно да ги охрабриме жртвите да го препознаат и да го пријавуваат и на тој начин да се превенира можноста за ескалирање во други форми на насилство.

Нашите напори се кон зајакнување на свеста за тоа што е родово-базирано насилство, охрабрување на жртвите да го препознаат и уште поважно, да го пријават тоа. Подеднакво е важно да се работи на превенција и за здравите врски засновани на еднаквост да се зборува за тоа уште од најрана возраст.

Секој вид насилство може да предизвика сериозни последици и трауми за жртвата. Физичкото насилство предизвикува физички повреди, додека психичкото предизвикува емотивни и психолошки последици. Психичкото насилство претставува форма на насилство што многу потешко се докажува. Иако постои разлика помеѓу физичкото и психичкото насилство, треба да имаме на ум дека двете форми на насилство често пати се случуваат испреплетено и не дозволуваат јасна дистинкција на нивното штетно влијание и последици. Една жртва на насилство не страда само од физичките повреди, туку и од психолошката траума предизвикана од самиот настан.

Што сметате дека е подобро да се направи, да се стави шминка и да се молчи, да се толерира под изговор дека можеби ќе се смени или да се пријави и да се стави крај?

-Родово-базираното насилство е кршење на човековите права и за тоа се одговара кривично. Кога зборуваме за родово-базираното и семејното насилство, секој акт на насилство не останува изолиран случај. Вообичаено, насилството не само што се повторува, туку ја менува и својата форма со што жртвата влегува во кругот на насилството што може да трае долго. Единствен начин да се стави крај на насилството е најпрво да се препознае, а потоа да се пријави. Пријавувањето може да биде и од некој што не е жртва на насилството, а сепак е сведок дека се случува. Секој од нас има должност да пријави.

На кој начин можеме да ја подигнеме свеста за насилството и освен со жртвите, треба ли да се работи и со сторителите?

-Клучниот пристап е да се создаде обединувачка платформа каде што секој ќе може да се идентификува со заедничката цел и ќе се бори за искоренување на насилството против жените и девојчињата. Тоа ќе помогне да се мобилизира критична маса поддржувачи на борбата против насилство која ќе биде носител на политики за искоренување на сите видови насилство. Неопходно е неуморно да се работи на зголемување на свеста за штетата и последиците од насилството врз жените, девојчињата, семејствата и целокупниот општествен развој.
За да постои едно здраво општество, покрај институционалниот одговор во случај на насилство и помош за жртвата да излезе од кругот на насилство, потребна е и програма за ресоцијализација и реинтеграција на жртвата, како и програма за работа со сторители и нивна рехабилитација. Доколку поддршката ја насочиме само кон жртвата, истиот сторител може да продолжи со насилното однесување кон други жртви. Целокупниот систем за ресоцијализација на сторителите го зајакнуваме преку поддршка на професионалците коишто работат со нив, но најважно е во тој пристап потребите на жртвата да бидат во центарот на вниманието и да се обезбеди нејзината безбедност и безбедноста на децата доколку ги има.

Умеат ли институциите да постапат во случаите на насилство и до каде е протоколот за институционална соработка, односно на што е главниот акцент?

-Институциите постапуваат во согласност со своите надлежности, да ја заштитат жртвата, да ѝ ја дадат потребната помош и да спречат двојна виктимизација на жртвата при постапката. За таа цел, УНФПА, со поддршка на британската Амбасада во Скопје, ги поддржа Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство, Министерството за правда и Министерството за внатрешни работи и заедно со граѓанските организации го изработивме Протоколот за меѓусебна соработка на надлежни субјекти за преземање мерки за превенција, спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство.

Главниот акцент на овој документ се конкретни и временски дефинирани одговорности, ингеренции и обврски за делување на сите надлежни институции при пријава на родово-базирано насилство, со цел заштита на жртвата на насилство и санкционирање на сторителот. Нашите заеднички активности со институциите продолжија преку формирање на првиот регистер на обучувачи кои се одговорни родово-сензитивниот пристап да го пренесат на сите професионалци што им даваат поддршка на жртвите.

Дали законската регулатива е доволна или треба ли да ги менуваме законите на оваа тема?

-Република Северна Македонија e меѓу првите земји што ја потпишаа Конвенцијата за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство (Истанбулска конвенција), а ја ратификуваше во 2018 година. Ова е сеопфатен инструмент што ги поставува стандардите за ставање крај на насилството преку холистички пристап. Значаен чекор во овој правец беше донесувањето на Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство во 2021 година, како и измените и дополнувањата на Кривичниот законик во согласност со одредбите на Истанбулската конвенција, каде што за првпат се дефинира и родово-базираното насилство врз жените, како насилство насочено против жената, само затоа што е жена.

УНФПА активно работи на операционализацијата на законот преку експертска поддршка на институциите, поддршка во подобрување на услугите за жртвите и унапредување на системот за интегрирано прибирање и анализа на податоци за родово-базирано насилство. Во изминатиот период се изготвени сите неопходни подзаконски акти кои се усогласени со меѓународната легислатива, Протоколот за мултисекторска соработка меѓу сите засегнати страни, првиот регистар на сертифицирани обучувач(к)и за мултисекторски одговор од сите институции. Законската регулатива е основата, а нејзината примена она на што се фокусираат институциите и организациите.

А што е со финансиската независност кај жените, бидејќи се чини дека е таа фактор број 1 за да му се стави крај на бракот со насилство?

-Финансиската независност на жената ѝ овозможува да се осамостои и да преземе целосна контрола и одговорност за сопствениот живот. Таа независност на жената е исклучително важна при борбата со семејно насилство. Жените што се финансиски самостојни имаат можност да бидат независни и да носат сопствени одлуки со што полесно би можеле да стават крај на насилната врска и да се ослободат од контролата и моќта на насилниот партнер. Тука особено би сакала да истакнам дека е потребна поддршка на жртвата од незиното семејство и заедницата во која живее. Жртвите што ја имаат оваа поддршка можат да го надминат стравот и срамот што го чувствуваат. Можат да се охрабрат да пријават и таа поддршка е особено важна за да истраат во процесот.

Финансиската независност и економското зајакнување се клучни исто така и за закрепнувањето на преживеаните. Жените што се финансиски самостојни и независни не само што придонесуваат за здравјето и продуктивноста на нивните семејства и општества туку помагаат и кон создавање на здрави генерации. Генерации каде што нема да се негуваат штетните родови и традиционални улоги.

Може ли да појасниме каде сѐ може да се пријави насилството?

-Секоја жртва на родово-базирано и семејно насилство има право на бесплатна здравствена помош, бесплатна правна помош, сместување во засолниште (шелтер-центар) и психосоцијална помош.

Родово-базираното и семејното насилство може да се пријави во најблиската полициска станица или на телефонскиот број 192. Може да се пријави во Центарот за социјална работа или да се побара помошна некоја од СОС-линиите: 141 700; 15-315; 02/15-700. Може да се пријави кај вашиот матичен лекар или во некоја граѓанска организација. Секој што е сведок или има информации дека некаде се случува насилство е должен да пријави. Жртвата не е сама.

Катерина Додевска

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ