недела, 5 јануари 2025

Германските и француските министри ќе се сретнат со новиот лидер на Сирија, „Ова е нов почеток“

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок отпатува во еднодневна посета на Сирија со својот француски колега во име на ЕУ, каде што ќе се сретне со Ахмед ал Шара, лидерот на новата сириска влада, соопшти германското Министерство за надворешни работи.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Моето денешно патување заедно со мојот француски колега и во име на ЕУ е јасен сигнал за Сиријците: можен е нов политички почеток меѓу Европа и Сирија, меѓу Германија и Сирија“, рече Баербок, според соопштението објавено пред нејзиното заминување за Дамаск, пренесе Ројтерс.

Баербок и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро се првите врвни дипломати од Европската унија кои се во посета на Сирија откако бунтовниците ја презедоа контролата врз Дамаск на 8 декември, принудувајќи го претседателот Башар ал Асад да избега по повеќе од 13 години граѓанска војна и завршувањето на повеќедецениското владеење на неговото семејството.

„Во Сирија сакаме да промовираме мирна и комплексна транзиција во служба на Сиријците и регионалната стабилност“, напиша Баро на мрежата Икс.

Откако беше соборен Асад, исламистичките бунтовници предводени од групата Хајат Тахрир ал Шам (ХТС) се обидоа да ги убедат арапските земји и меѓународната заедница дека ќе владеат во име на сите Сиријци и дека нема да ја шират исламистичката револуција.

Западните влади почнаа постепено да отвораат канали за комуникација со ХТС, сунитска муслиманска група претходно поврзана со Ал Каеда, и почнуваат да размислуваат дали треба да ѝ се одземе ознаката како терористичка организација.

Баербок рече дека патува во Сирија со „подадена рака“, како и со „јасни очекувања“ од новата влада, која ќе биде оценета според нивните постапки. Знаеме од каде доаѓа ХТС идеолошки, што правеше во минатото, рече Баербок.

„Но, исто така слушаме и гледаме желба за умереност и разбирање со другите важни актери“, додаде таа, наведувајќи ги разговорите со курдските Сириски демократски сили (СДФ), сојузници на САД. Сега целта е Сирија повторно да стане ценет член на меѓународната заедница, додаде таа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ