понеделник, 24 март 2025

Германски Велт: Кина сака да се приклучи на „коалицијата на спремните“

Кина ја разгледува можноста да се приклучи на мировната мисија во Украина, а Европската унија постави прашање дали европските партнери поддржуваат таква иницијатива, пишува германскиот весник Велт, повикувајќи се на дипломатски извори во Брисел.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според овие извори, учеството на Кина во мировните сили може да ја поттикне Русија да го промени својот негативен став кон мировните мисии на украинска територија. Но, таквиот потег, посочуваат дипломатите, би бил „деликатен“ и бара крајно внимателен пристап.

Идејата за испраќање меѓународни мировни сили се врати во фокусот пред самитот што ќе се одржи во Париз следната недела.

Францускиот претседател Емануел Макрон најави дека целта на самитот е да се договорат конкретни чекори за краткорочна поддршка за Украина, како и да се разгледа можноста за распоредување мировни сили во случај на прекин на огнот.

Учеството на самитот го потврди и украинскиот претседател Володимир Зеленски, каде со своите партнери ќе разговара за натамошната меѓународна поддршка за Украина.

Додека ОК ја поддржува идејата за мировна мисија, предлогот продолжува да предизвикува жестока дебата – особено затоа што Русија категорично отфрла каква било можност мировните сили да пристигнат на украинска територија.

Америка најави нови преговори со Русија и Украина за можен прекин на огнот, иако Макрон рече дека одбивањето на Русија сериозно да размисли за прекин на огнот го покажува нејзиниот недостаток на вистинска волја за мирно решение.

Од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година, Кина ја нарекува војната во Украина „криза“ и постојано ја нагласува потребата за мирно решение.

Во февруари 2023 година, Пекинг претстави свој „мировен план“, кој вклучуваше повик за продолжување на преговорите и критики на западните санкции.

Во есента 2024 година, се дозна дека Кина и Бразил развиле заеднички план за мир, но тој не содржел клучни одредби од Повелбата на Обединетите нации.

Кина, исто така, изрази подготвеност да учествува во повоената обнова на Украина. Портпаролот на кинеската агенција за меѓународна развојна соработка Ли Минг изјави дека кинеската помош ќе биде усогласена со желбите на страните во конфликтот.

Коалицијата на спремните е неформална асоцијација на земји кои одлучија да дејствуваат независно, надвор од традиционалните рамки како што се НАТО или Европската унија, за да обезбедат поддршка на Украина во актуелната геополитичка криза.

Иницијативата, која потекнува од канцеларијата на британскиот премиер Кир Стармер, собра околу 20 земји, главно од Европа и Комонвелтот, кои се подготвени да пружат различни форми на помош – од воена и безбедносна до финансиска поддршка.

Оваа коалиција одразува промена во европското безбедносно размислување, каде што државите ја препознаваат потребата да дејствуваат независно од традиционалните сојузи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ