сабота, 22 март 2025

Германски медиуми: На властите во Србија можната употреба на звучен топ им се удира од главата како бумеранг

Во Србија и понатаму шпекулациите за употребата звучен топ против мирните демонстранти ги возбудуваат духовите и иако претседателот Александар Вучиќ таквите тврдења ги демантираше и ги нарече лажни, снимките и изјавите на илјадници луѓе што побарале лекарска помош зборуваат поинаку, пишува дневникот Франкфуртер рундшау (ФР).

Фото: Икс

Објавено на

часот

Сподели

Германскиот дневен весник пишува дека на мирниот протест на 15 март во 19 часот околу 300.000 учесници со 15 минути молчење имаа намера да им оддадат почит на загинатите во Нови Сад, и дека по единаесет минути на белградската Улица на кралот Милан одеднаш завладеа паника и општ метеж меѓу демонстрантите кои дотогаш мирно стоеја.

Присутните подоцна, пишува дневникот, сведочеа за застрашувачки звук што нагло се приближува, сличен на „авион што полетува“ или на „лансирна ракета“. Учесниците од метежот или од ударниот бран паднале, а снимките покажуваат дека на дотогаш преполната улица се отвори празен премин, пишува ФР.

Весникот го поставува прашањето дали српските властодршци за викендот со употреба на звучен топ се погрижиле за предвремено завршување на масовните демонстрации против корупцијата.

Српските служби за безбедност демантираа употреба на во Србија забранетото сонично оружје, пишува весникот додавајќи дека „шефот на државата Александар Вучиќ, кој поради повеќемесечниот бран протести сè повеќе е под притисок, дури зборуваше и за лага и без дополнително објаснување најави и тужба поради клевета“.

„Но не кажуваат само снимките нешто друго. Повеќе од 3.000 луѓе кои по мистериозниот напад поради вртоглавици, главоболки или пречки во слухот побарале лекарска помош, во меѓувреме им се обратија на организациите за заштита на човековите права. За помалку од 24 часа повеќе од 570.000 луѓе потпишаа петиција што ќе биде упатена до Обединетите нации и до Советот на Европа, со која се бара меѓународна истрага поради сомневање дека е употребен звучен топ за да се прекине оддавањето почит на жртвите“, пишува дневникот.

Весникот ја пренесува претпоставката на воени специјалисти и на специјалисти за акустика дека таканаречениот звучен топ е употребен од некој најмалку 700 метри оддалечен балкон или покрив, и додава дека и специјалистите од белградскиот Електротехнички факултет веќе најавија своја истрага.

„Што и да е тоа што ги собори демонстрантите на Улицата на кралот Милан, не ги задуши протестите кои стануваат сè поголема закана за Белград. Напротив: лутината поради спречувањето на оддавањето почит на мртвите како повторно како бумеранг да се свртува против српското раководство“, пишува ФР.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ