Германски Билд, повикувајќи се на извори во германската влада, објави дека од март досега не е одобрено ниту едно барање за извоз на оружје од Германија во Израел.
Се наведува дека Зелените – чии претставници се Бербок и Хабек – инсистирале дека транспортот на оружје и резервни делови може да се случи само кога израелската влада ќе потпише гаранција дека нема да го користи оружјето за вршење акти на геноцид.
Според Билд, Израел минатата недела ѝ дал писмена гаранција на Германија.
Како што пишува Гардијан, спречувајќи го испраќањето на оружје во Израел, Бербок и Хабек имплицитно изразуваат сомнеж за намерите на Израел што владата на германскиот канцелар Олаф Шолц ги нема искажано.
Таквата одлука практично ќе го доведе Берлин во конфликт со Вашингтон, бидејќи САД, и покрај јасните критики за акциите на израелската војска во Појасот Газа, ставија до знаење дека не гледаат индикации дека Израел извршил геноцид, заклучува Гардијан.
Во септември, германското Министерство за економија негираше дека имало бојкот на извозот на оружје во Израел, велејќи дека секое барање за испорака на оружје се разгледувало „од случај до случај“.