сабота, 27 јули 2024

Германски медиум: Луд план на Русите, ќе му креваат споменик на злосторникот Слободан Милошевиќ во Москва

Објавено на

часот

Сподели

„Слободан Милошевиќ беше претседател на Југославија сѐ додека не беше соборен од револуцијата во 2000 година. Тој беше одговорен за десетици воени злосторства извршени од српските војници во Хрватска, Босна и Косово. На совест носеше десетици илјади луѓе, но за некои Срби тој е херој“, пишува Берлинер курир, а пренесува Дојче веле.

„Очигледно, ова е добра причина за Русија да му подигне споменик на овој покоен диктатор во Москва. Се наведува дека тој бил борец против НАТО“, пишува германскиот весник.

Берлинер курир се повикува на рускиот весник Московски комсомолец, кој пак се повикува на политикологот Марат Баширов дека „постои план да му се подигне споменик на овој наводен воен злосторник – среде Москва. Споменикот висок два метри треба да биде поставен на плоштадот Европа во руската престолнина. Бронзената скулптура не е од Србија, но е дело на белградскиот скулптор Драган Раденовиќ. Наскоро ќе биде префрлена во Москва. Во татковината на покојниот диктатор веќе имаше иницијатива да му се подигне споменик на Милошевиќ. Но откако следуваше силен протест, идејата не беше реализирана“.

Берлинер курир понатаму пишува дека „пријателите на диктаторот често сѐ уште тврдат дека Милошевиќ бил убиен во Хаг. Во Русија, во времето на руската агресија против Украина и однапред смислената војна против НАТО, теориите на заговор наоѓаат плодна почва“.

Во продолжение следува цитат од политикологот Марат Баширов од Москва: „Милошевиќ беше првата жртва на злосторничкото НАТО. Веројатно погрешно сме ги процениле настаните кога силите на НАТО ја бомбардираа Југославија помеѓу 24 март и 10 јуни 1999 година, Русија требаше подобро да го брани Милошевиќ“.

„Во 2001 година, српската влада на премиерот Зоран Ѓинѓиќ го уапси Слободан Милошевиќ и му го предаде на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија. Ѓинѓиќ е убиен во 2003 година“, пишува Берлинер курир.

Доказите против Милошевиќ на судењето во Хаг беа се убедливи, пишува германскиот таблоид: „Тој се смета за коодговорен за тешки воени злосторства, вклучувајќи го масакрот на Бошњаците во Сребреница, масакрот на Хрватите во Вуковар, протерувањето на 800.000 Косовари, 170.000 Хрвати и илјадници други жртви“.

„Единствената причина поради која Милошевиќ не беше осуден е тоа што почина од срцев удар пред да биде донесена пресудата“, заклучува Берлинер курир.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ