Според истражувањето на новинар на станицата ВДР и весникот Зидојче цајтунг, високиот германски офицер е „отстранет од функцијата“ во седиштето на НАТО поради „основан сомнеж“ дека ги прекршил прописите за таинственост во воениот пакт. Непосредно пред заминувањето му е укинат секаков пристап до документите на НАТО.
Германските медиуми не го спомнуваат името на генералот кој е обвинет за негрижа, но се шпекулира со името на генерал-мајорот Инге Герхарц, како одговорен за рускиот упад на интернет конференција на четворица високи офицери на германското воено воздухопловство минатата година.
Новинарите откриваат дека службата за безбедност на седиштето на НАТО утврдила дека германскиот генерал не води сметка за доверливи и тајни документи со кои имал пристап. Наводно повеќе документи означени како „доверливи-тајни“ биле расфрлани наоколу во канцеларијата на генералот.
Иако и НАТО и германското министерство за одбрана тврдат дека на генералот му било наложено враќање во Германија, германската канцеларија за воена контрашпионажа БАМАД признале дека се занимаваат со тој случај, но дека „ништо не укажува“ на тоа дека станува збор за шпионажа во која тајни документи требало да стигнат до некоја странска сила.
Се чини и дека и Берлин и Брисел целиот случај со генералот сакаат што побрзо да го „сметат под тепих“: германското министерство соопшти дека генералот е вратен во татковината и дека уште на крајот на овој месец ќе оди во предвремена пензија. Тоа значи и дека нема да може да има дисциплинска постапка против неименуваниот генерал.
Во случајот од февруари 2024 година, кога Русија објави снимка од интернет конференција на четворица високи офицери на германското воено воздухопловство за ракети „таурус“ за Украина, на која учествувал и командантот на Луфтвафе Инго Герхарц, беше утврдено дека еден од учесниците се вклучил преку небезбедна мрежа од хотел во Сингапур.
Тогаш против германските офицери постапка отвори јавното обвинителство која сепак беше прекината бидејќи не била утврдена „намера за откривање тајни“ меѓу учесниците на конференцијата.