Резултат на тоа се последиците на падот во клучните сектори како што се автоиндустријата и машинската индустрија, а проблеми се забележани и кај градежната индустрија.
Германскиот услужен сектор минатата година пораснал за 0,8 отсто, но со значителни варијации. Во трговијата, транспортот и во сместувачките услуги е регистрирана стагнација, додека истовремено забележан е раст во областа на информациите и на комуникациите (ИКТ) за 2,5 отсто.
Бруто-инвестициите во основните средства се намалени за 2,8 отсто, особено во германското градежништво и во машинската индустрија.
Потрошувачката на домаќинствата во 2024 година благо порасна, за 0,3 отсто, со раст на потрошувачката во здравството и во транспортот, додека државната потрошувачка порасна за 2,6 отсто, поттикната од зголемените социјални давачки.
Надворешнотрговската размена имаше проблеми, бидејќи минатата година германскиот извоз падна за 0,8 отсто, а увозот незначително порасна за 0,2 отсто.
Бундесбанката во својата декемвриска прогноза правилно процени дека растот во Германија оваа година повторно ќе биде негативен и ќе изнесува минус 0,2 отсто.
Според актуелната прогноза, германското стопанство во следната година ќе порасне за скромни 0,2 отсто и благо ќе забрза на 0,8 отсто во 2026 и на 0,9 отсто во 2027 година.
Германската економија не се бори само со упорните економски пречки, туку и со структурни проблеми, соопшти притоа претседателот на Бундесбанката, Јоахим Нагел.
Како што се наведува, германската индустрија е ориентирана извозно и е под притисок да се приспособи кон промените како што се зголемените цени на енергенсите, преминувањето на карбонски неутрална економија или стареењето на популацијата.
Покрај тоа, германските компании на глобалните пазари сѐ повеќе се соочуваат со протекционистички тенденции и со растечката конкуренција од земјите во развој, а Кина зазеде значителен пазарен удел во секторите како што се автомобилската и хемиската индустрија, како и машинството, кои се особено важни за германската индустрија.