четврток, 9 јануари 2025

Германска анализа: Србија е најблискиот сојузник на Русија, корупцијата е насекаде

Србија е најблискиот сојузник на Русија, а корупцијата е насекаде во таа балканска држава, се наведува во анализата која ја објави германската фондација Фридрих Науман.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Претседателот на Србија Александар Вучиќ веќе 17 пати се сретна со претседателот на Руската Федерација Владимир Путин. Вучиќ во 2019 година во Москва го доби орденот на Александар Невски, кој обично им се дава на високите руски личности. Тоа беше еден од најсреќните моменти во неговата политичка кариера“, се наведува во анализата „Русија и пионерите на автократијата: Како Кремљ ја дестабилизира Европа“, чиј автор е новинарот и универзитетски професор Томас Бреј.

Се додава дека режимот во Србија се обидува да ја спроведе политиката на „српски свет“ по примерот на сличниот проект „руски свет“.

„Оваа големосрпска програма беше една од причините за крвавите војни за време на распадот на Југославија“, се наведува во анализата.

Се потсетува дека Србија не ја усогласи својата политика со таа на Европската Унија и не ѝ воведе санкции на Русија.

„Националната авиокомпанија Ер Србија и понатаму неколку пати неделно лета за Москва и други руски градови. Во близина на градот Ниш на југот на Србија постои Руско-српски хуманитарен центар, кој критичарите на Западот го сметаат за центар на руската разузнавачка служба“, се наведува во анализата.

Се тврди дека провладините медиуми во Србија се главните носители на руската пропаганда.

„Уште поважно е тоа што српски функционери, особено оние на високи државни позиции, се оние кои во прв ред шират проруски и антизападни наративи“, се тврди во анализата.

Се додава дека во тие медиуми „Русија е крената до небото, додека Западот е буквално демонизиран“.

Се наведува дека Вучиќ во своите интервјуа за западните медиуми всушност шири руска пропаганда.

Се истакнува дека иако Германија е најважниот економски партнер на Србија, таа често се прикажува во многу негативно светло во Србија.

Во анализата се оценува и дека „без оглед дали станува збор за Путин од Русија, Виктор Орбан од Унгарија, Вучиќ од Србија или Роберт Фицо од Словачка – системите на нивната политичка контрола и зачувувањето на власта се секаде исти“.

„На прво место е новиот национализам, кој се поттикнува со тврдењето дека соседните земји, НАТО, САД или ЕУ се закануваат на сопствената нација“, пишува во анализата.

Се додава дека Вучиќ, „како во некоја ријалити програма, како сеприсутен претседател ја одржува јавноста во постојана возбуда“.

„Речиси секој ден се појавува на телевизиските екрани, често зборувајќи со часови за на граѓаните да им изложи важни, големи, неверојатни или драматични приказни, како што тоа го најавуваат владините медиуми. Тоа се приказни за заговори, организиран криминал, сценарија со страв за иднината, спектакуларни странски инвеститори, поставување темели или отворање модерни болници, патишта, фабрики, железници и централи“, се оценува во анализата.

Се додава дека притоа „целосно се брише границата меѓу шефот на државата и самата држава“, бидејќи Вучиќ „постојано тврди дека тој овозможил ова или она, како да вложил сопствени пари“.

Во анализата се истакнува и дека, иако маргинализираната опозиција во Србија е главно исклучена од политичкиот живот, неколку критички медиуми, новинари и политичари секојдневно се предмет на напади и ставање на столбот на срамот од страна на владините медиуми.

„Постојано ги обвинуваат дека сакаат да го убијат претседателот, дека ја клеветат својата татковина во странство, дека се корумпирани и неморални и дека ги контролираат странски разузнавачи. Дека славата опозиција би можела да му се закани на претседателот или, како што често се тврди, на неговото семејство, кога тој може по своја желва да ги употреби полицијата, разузнавачките служби, па дури и војската?“, се наведува во анализата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ