сабота, 27 јули 2024

Германија воведува мерки против финансирањето на екстремната десница

Германската влада денеска претстави низа мерки во борбата против екстремната десница, особено насочени кон нејзините финансии.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Причината за тоа е откривањето на тајниот состанок на разни екстремни групи и организации на кој биле претставени планови за протерување на странците од земјата.

Поздравувајќи го неодамнешниот собир на „неколку стотици илјади граѓани“ против екстремизмот и расизмот, министерката за внатрешни работи, Ненси Фезер, денеска детално претстави 13 мерки за борба против она што таа го гледа како „најголема закана за демократскиот поредок“.

„Сакаме да ги уништиме тие екстремно десничарски мрежи. Сакаме да им ги одземеме приходите, сакаме да им го одземеме оружјето“, изјави министерката за новинарите во Берлин.

Таа се залага за проширување на овластувањата на Федералната канцеларија за заштита на Уставот, односно домашната разузнавачка служба на Германија, со цел да се олесни борбата против изворите на финансирање на екстремно десничарските мрежи.

Благодарение на промената на законот за тајни служби, би требало да се овозможи затворање на банкарски сметки, едноставно со повикување на „можноста за потенцијална опасност“ за јавниот ред и мир.

Во моментов, истражителите ја имаат таа моќ само ако организациите или мрежите конкретно и директно поттикнуваат омраза или насилство.

Министерката рече дека овие мерки треба да се спроведат што поскоро.

Според неа, учеството во организација која домашното разузнавање ја смета за сомнителна, може да доведе до тоа на нејзините членови да им се одземе лиценцата за носење оружје.

Домашната разузнавачка служба исто така ќе треба да сподели повеќе информации за десничарските екстремисти со локалната полиција и органите на трудовата инспекција. Таа мерка треба да овозможи и забрана на состаноци на екстремната десница.

Министерката рече дека сака да спречи и екстремисти од странство да доаѓаат во Германија.

Овие мерки се директна реакција на тајната средба во Потсдам, во близина на Берлин, во ноември минатата година.

Во тоа време, членовите на екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) разговараа за плановите на еден австриски екстремист кој се залага за „ремиграција“, односно за масовно протерување на странците.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ