Мишел Фридман, истакнат германско-француски публицист и поранешен заменик-претседател на Централниот совет на Евреите во Германија, ги нарече постапките на Маск „срамота“ и рече дека претставува „опасност за целиот слободен свет“. Фридман, чие семејство загина во Холокаустот, изјави за Тагесшпигел, дека бил шокиран кога во живо ја гледал инаугурацијата на Доналд Трамп, за време на која, како што тврди, Маск недвосмислено извел нацистички поздрав.
Шарлот Кноблох, претседателка на Еврејската заедница во Минхен и Горна Баварија, ги опиша постапките на Маск како „многу иритирачки“. Таа додаде дека е уште позагрижена за неговите политички активности, вклучувајќи ја и неговата поддршка за екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) пред сојузните избори.
„Далеку поопасно е мешањето на Маск во германската политика и поддршката за партија чии антидемократски цели не треба да се потценуваат“, предупреди Кноблох.
Германскиот канцелар Олаф Шолц исто така го осуди однесувањето на Маск, нарекувајќи ја неговата поддршка за крајната десница неприфатлива. Шолц повика на ладнокрвност како одговор на контроверзната администрација на Трамп и провокациите на Маск.
Маск одговори во свој стил на Твитер со погрден коментар за Шолц, нарекувајќи го „Оф Шиц“, што многумина го протолкуваа како навредлива игра на зборови.
Shame on Oaf Schitz! https://t.co/xtdW8D6FTo
— Elon Musk (@elonmusk) January 21, 2025
Берлинскиот судија Каи-Уве Хербст изјави за Берлинер цајтунг дека гестот на Маск може да се смета за доволен доказ за покренување обвиненија според германските закони, но додаде дека треба да се докаже злонамерност. Адвокатот Бенедикт Мик истакна дека конечната пресуда ќе зависи од севкупниот контекст на настанот.