Северниот сосед може да жали што вечерва не славеше полуфинале, затоа што имаше и игра и резултат и „милион“ напади за да ја победат Германија, но „панцерите“ со данско сценарио се извадија, вторпат на ова ЕП. И тоа, не поради својот квалитет, туку поради туѓите грешки. Прво на Македонија, сега на Србија.
Србија имаше и 15-8 против Германија, но предвреме ѝ се израдува на победата, па Германците успеаја да стигнат и до 18-18. Во завршницата, повторно Србија имаше предност, и од два разлика 21-19 на седум минути до крај. Но цели седум минути не даде гол. Успеа сто пати да се одбрани, да спречи Германците да израмнат, но успеа да промаши и „милион“ зицери и напади за да го реши мечот.
На крајот, во последните седум секунди Кристоферсен, кој влезе како седми играч наместо голманот Хајневетен, погоди на само две секунди пред крајот за реми. Со ова, Германија и Србија остануваат водечки со по пет бода, Полска има три, Данска и Шведска по два, а Македонија еден бод. Полска во првиот меч денеска успеа да се врати по минус 11 бода и да се избори за бод против Шведска.
Момир Илиќ со шест гола беше прв стрелец за Србија, а Дарко Станиќ имаше 11 одбрани, додека Уве Геншајмер со пет гола беше прв стрелец за Германија, чиј голман Силвио Хaјневетер собра 16 одбрани.