сабота, 27 јули 2024

Германија обвинета за вмешаност во геноцид, поради тоа што му продава оружје на Израел

Германија денес негираше дека помага во геноцидот во Појасот Газа со продажбата на оружје на Израел, во тужбата на Никарагва пред највисокиот суд на Обединетите нации, најновата во низата правни процеси во прилог на Палестинците. Германија е еден од најголемите израелски сојузници од почетокот на војната против Хамас и еден од најголемите снабдувачи со оружје на Израел.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Според податоците на министерството за економија, во 2023 му испорачала оружје и опрема во вредност од 326,5 милиони евра. Правната советничка на германското министерство за надворешни работи Тања фон Услар Глајхен им кажа на судиите на Меѓународниот суд на правдата дека тужбата на Никарагва е избрзана, заснована на слаби докази и дека треба да биде отфрлена поради тоа што судот не е надлежен.

Таа истакна дека германскиот извоз на оружје внимателно се надгледува за да се обезбеди почитување на меѓународното право. „Германија прави сè што може за да ја исполни својата одговорност и кон Израел и кон палестинскиот народ“, кажа таа, напоменувајќи дека Германија е најголемиот поединечен донатор на хуманитарна помош на Палестинците.

Фон Услар Глајхен кажа дека безбедноста не Израел е германски приоритет поради холкаустот. „Германија научи од своето минато, минато кое вклучува одговорност за еден од најстрашните злочини во човечката историја, шоах“, кажа таа, употребувајќи го хебрејскиот збор.

Адвокатот на Германија, Кристијан Тамс, кажа дека од 7 октомври 98 отсто од извозот на оружје на Израел е општа опрема како панцири, шлемови и двогледи. А во четирите случаи кога бил дозволен извоз на оружје, три се однесувале на оружје кое не е наменето за борби како муниција за обука, кажа тој.

Адвокатите на Никарагва побараа во понеделникот од МСП да ѝ нареди на Германија да ја прекине продажбата на оружје на Израел и да продолжи да ја финансира агенцијата на ОН за палестинските бегалци УНРВА. Тврдат дека Германија ја крши Конвенцијата за геноцид од 1948 и меѓународното хуманитарно право продолжувајќи да го снабдува Израел иако е свесна дека постои ризик од геноцид.

Меѓународниот суд на правдата би требало да изрече привремени мерки за овој случај за неколку недели, а за конечна пресуда би можело да се чека со години и судот нема овластувања да наметне нејзино спроведување.

Во јануари, по тужба на Јужноафриканската Република, МСП пресуди дека обвинувањата дека Израел ја прекршил Конвенцијата за геноцид се веројатно и побара прекин на можниот геноцид.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ