Воведени се неколку забрани за влез во Германија, вклучително и онаа против Варуфакис, „за да се спречи каква било антисемитска и антиизраелска пропаганда за време на настанот“, рекле денеска германските безбедносни власти за АФП.
Варуфакис, коосновач на левичарската паневропска партија Дием25, во саботата на социјалната мрежа Икс (Х) напиша дека германското Министерство за внатрешни работи му упатило „забрана за каква било политичка активност“ на германска територија.
Тоа важи и за учество на онлајн-настани, додаде поранешниот министер.
Сепак, според информации од безбедносните кругови, кои ги потврди дневниот весник Ханделсблат, станува збор за забрана за влез во Германија.
Германската полиција ја прекина, а потоа ја забрани споменатата конференција во петокот неполн час по нејзиното почнување, бидејќи на еден од говорниците му беше забранета политичка активност во Германија.
Полицијата, која не го идентификуваше говорникот, рече дека го забранила продолжувањето на конференцијата, која требаше да се одржува од петок до недела.
Војната во Газа предизвика контроверзии во Германија, каде што силната поддршка на Берлин за Израел се соочи со критики дека пропалестинските гласови се маргинализирани.