Министерот за финансии Кристијан Линднер рече дека финансирањето на Украина е „сигурно во догледна иднина“ поради планот на групата Г7 (седумте најмоќни економии во светот) за собирање 50 милијарди долари од каматите на замрзнатите руски средства.
Германија е вториот најголем воен донатор на Украина, по САД. Во 2024 година германскиот буџет за Киев изнесува речиси 7,5 милијарди евра.
Планираните намалувања на помошта доаѓаат поради стравувањата во Украина и меѓу нејзините европски сојузници дека американското финансирање би можело да биде намалено или дури и запрено доколку Доналд Трамп победи на претседателските избори во ноември. Рускиот претседател Владимир Путин започна целосна војна против Украина во февруари 2022 година.
Нацрт-буџетот беше одобрен од германската влада во средата. Иако е предвидено намалување на воената помош за Украина, буџетот за одбрана за 2025 година ќе се зголеми за 1,3 милијарди евра на 53,25 милијарди евра.
Ова е сè уште помалку од 6 милијарди евра за кои се залагаше министерот за одбрана Борис Писториус, но Германија сè уште планира да ја исполни целта за издвојувања на 2% од БДП за одбраната, како што бара НАТО алијансата.
Буџетот за одбраната допрва треба да го одобрат пратениците.