недела, 19 мај 2024

Германија и Британија најавија посилна воена соработка

„Во практиката, веќе и сега интензивно соработуваме на цела низа проекти, како што се новиот артилериски систем, оклопното возило боксер, како и европскиот небесен штит и авионите еурофајтер“, рече германскиот канцелар Олаф Шолц по средбата со британскиот премиер Риши Сунак во Берлин.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Двете земји најавија заеднички договор со кој се зборува за продлабочување на соработката во воениот и одбранбениот сектор, особено во областа на „оперативната и индустриската соработка“.

Сунак рече дека Германија и Велика Британија презеле „голема одговорност за заедничката безбедност“. Британскиот премиер, кому ова му е прва посета на Берлин, го пофали и германскиот ангажман околу Украина.

„Невозможно е да се занемари фактот дека Германија, покрај Велика Британија, е најважниот поддржувач на Украина“, рече Сунак, кој во таа прилика особено ја нагласи германската испорака на противракетниот систем „патриот“ на Украина.

Во исто време, германскиот канцелар Шолц уште еднаш ја отфрли можноста за испорака на ракети таурус во Украина. „Ние стоиме на нашата претходна одлука“, рече Шолц, додавајќи дека Европа е најголемиот воен поддржувач на Украина дури и без таурусите.

Пред средбата Сунак-Шолц, опозициската Христијанско-демократска унија ЦДУ/ЦСУ апелираше до Сунак за време на разговорите да се обиде да го убеди Шолц да го промени своето мислење за испораката на таурус.

Шолц веќе во неколку наврати објасни дека испораката на таурус не би била можна без учество на германски војници во војната во Украина, што сака да го избегне по секоја цена.

На средбата Сунак и Шолц разговараа и за продлабочување на соработката во областа на енергетиката и борбата против организираниот криминал.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ