понеделник, 21 октомври 2024

Германија ги депортираше првите авганистански државјани откако талибанците ја презедоа власта

Германија соопшти дека ја извршила првата депортација на Авганистанци назад во нивната матична земја откако талибанците ја презедоа власта во август 2021 година.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Коалициската влада во Берлин е под притисок да заземе поостар став за миграцијата, откако во неколку германски градови беа извршени напади со нож поврзани со таканаречената „Исламска држава“.

Германија престана да ги враќа луѓето во Авганистан поради загриженоста за човековите права во таа земја кога таму на власт се вратија талибанците.

„Тоа беа авганистански државјани, сите тие се осудени престапници кои немаат право да останат во Германија и против нив се издадени наредби за депортација“, се вели во соопштението на владиниот портпарол Штефен Хебстрајт.

Германските власти соопштија дека во петокот наутро чартер авион на Катар ервејс полетал од аеродромот Лајпциг/Хале за Кабул со 28 авганистански криминалци кои биле донесени од различни делови на Германија.

Акцијата ја организираше германското сојузно Министерство за внатрешни работи.

Германија не одржува дипломатски односи со талибанските власти во Кабул.

Германскиот канцелар Олаф Шолц по смртоносниот напад со нож во Манхајм на крајот на мај изјави дека повторно ќе биде овозможена депортација на најопасните криминалци и осомничени за тероризам во Авганистан и Сирија.

Ова вклучува лица за кои безбедносните власти се сомневаат дека можат да извршат најтешки политички мотивирани злосторства, вклучително и терористички напади.

Дебатата за ова повторно ја разгоре минатонеделниот смртоносен напад со нож во западниот германски град Солинген, во кој загинаа три лица. Главниот осомничен е 26-годишен Сириец за кој се верува дека избегнал наредба за депортација.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ