сабота, 27 јули 2024

Германија, Британија и Русија загрижени за Иран и Израел, повикаа на воздржаност

Германија, Велика Британија и Русија ги повикаа земјите на Блискиот Исток да покажат воздржаност, додека Израел рече дека се подготвува да ги „исполни сите свои безбедносни потреби“ во регионот, кој е на работ на поширок конфликт поради заканата на Иран дека ќе го нападне Израел.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Германската авиокомпанија Луфтханза, еден од само двата западни авиопревозници што летаат за Техеран, ја продолжи суспензијата на своите летови до иранскиот главен град, а Русија ги предупреди своите граѓани да не патуваат на Блискиот Исток.

Иран вети одмазда за воздушниот напад на 1 април врз неговата амбасада во Дамаск, во кој загинаа висок ирански генерал и шест други ирански воени офицери, зголемувајќи ги тензиите во регионот, кој веќе води војна во Газа. Израел не ја презеде одговорноста за нападот, но иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи во средата рече дека Израел „мора да биде казнет и ќе биде казнет“, истакнувајќи дека нападот врз амбасадата е еднаков на напад на иранска територија.

„Императивот на Иран да го казни овој насилен режим“ можеше да се избегне доколку Советот за безбедност на ОН го осудеше нападот и ги изведеше сторителите пред лицето на правдата, соопшти вчера мисијата на Техеран во Обединетите нации. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека Израел продолжува со војната во Газа, но спроведува безбедносни подготовки на други места.

„Кој и да ни наштети нам, и ние ќе му наштетиме. Подготвени сме да ги исполниме сите безбедносни потреби на државата Израел, и одбранбена и офанзивна“, рече тој во коментарите објавени по посетата на базата на воздухопловните сили.

Иран му сигнализираше на Вашингтон дека ќе одговори на нападот на Израел на начин што ќе избегне голема ескалација и нема да дејствува избрзано, рекоа ирански извори. Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант му рече на американскиот секретар за одбрана Лојд Остин дека Израел директно ќе одговори на секој напад од Иран, соопшти кабинетот на Галант.

Конфликтот се прошири низ Блискиот Исток откако изби војната во Газа, при што групите поддржани од Иран извршуваа напади од Либан, Јемен и Ирак како поддршка за Палестинците. Техеран избегна директна конфронтација со Израел или Соединетите Држави, но им даваше поддршка на своите сојузници.

Германија повика на максимална воздржаност, Русија ги советува граѓаните да не патуваат на Блискиот Исток

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок го повика својот ирански колега Хосеин Амирабдолахиан да повика на „максимална воздржаност“ за да се избегне понатамошна ескалација. Руското Министерство за надворешни работи им порача на граѓаните дека не треба да патуваат на Блискиот Исток, особено во Израел, Либан и на палестинските територии.

„Во моментов е многу важно сите да ја задржат воздржаноста за да се избегне целосна дестабилизација на ситуацијата во регионот, која баш и не блеска со стабилност и предвидливост“, рече на брифинг со новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон вчера изјави дека јасно му ставил до знаење на Амирабдолахиан дека Иран не треба да го вовлекува Блискиот Исток во поширок конфликт. „Длабоко сум загрижен поради можноста погрешна процена да доведе до дополнително насилство“, рече Камерон на мрежата Икс.

Портпаролот на американскиот Стејт департмент, Метју Милер, рече дека државниот секретар Антони Блинкен ги повикал своите колеги, вклучително и шефовите на дипломатиите на Турција, Кина и Саудиска Арабија, „да појаснат дека ескалацијата не е во ничиј интерес и да го повика Иран да не продолжи да ескалира“.

САД очекуваат ирански напад врз Израел, но таков што нема да биде доволно голем за да го вовлече Вашингтон во војна, изјави американски официјален претставник доцна во четвртокот. Американската војска во четвртокот соопшти дека уништила противбродска балистичка ракета лансирана од територијата на Јемен, контролирана од Хутите поддржани од Иран. Нема информации за повредени или оштетувања на американски, коалициски или трговски бродови.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ