сабота, 27 јули 2024

Германец се вакцинирал против корона 217 пати

62-годишен маж од Германија, и покрај противењето на лекарите, 217 пати се вакцинирал против ковид. Вакцините му биле носени и аплицирани приватно, во период од 29 месеци. Овој необичен случај е документиран во списанието Лансет Заразни болести, пишува Би-би-си.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Се чини дека мажот немал никакви негативни ефекти, велат истражувачите од Универзитетот во Ерланген-Нирнберг.

„За неговиот случај дознавме од написите во весниците. Потоа го контактиравме и го поканивме да направи различни тестови во Ерланген. Тој беше многу заинтересиран за тоа“, вели д-р Килијан Шобер од одделот за микробиологија на универзитетот.

Човекот дал примероци од свежа крв и плунка. Истражувачите тестирале и некои од неговите замрзнати примероци на крв што биле складирани од претходните години.

„Можевме да земеме примероци од крвта кога човекот по негово инсистирање прими уште една вакцина за време на студијата“, рече д-р Шобер.

„Можевме да ги искористиме тие примероци за да одредиме точно како имунолошкиот систем реагира на вакцинацијата“, додаде тој.

Јавниот обвинител на градот Магдебург нашол докази за 130 вакцини, била отворена истрага со обвинение за измама, но не е поднесена кривична пријава.

Вакцините можат да го научат телото како да се бори против болеста. МРНК-вакцините функционираат така што на клетките на телото им покажуваат дел од генетскиот код на вирусот. Имунолошкиот систем тогаш треба да го препознае и да знае како да се бори против ковид ако навистина се соочи со него.

Д-р Шобер бил загрижен дека хиперстимулирањето на имунолошкиот систем со постојани дози може да заморило некои од клетките. Но истражувачите не нашле доказ за ова кај 62-годишникот. А немало знаци ни дека тој некогаш бил заразен со ковид.

„Важно е да не ја поддржуваме хипервакцинацијата како стратегија за зајакнување на адаптивниот имунитет“, забележаа истражувачите.

Резултатите од нивните тестови на 62-годишникот биле недоволни за да се извлечат долгорочни заклучоци, ниту пак препораки за пошироката јавност.

„Тековните истражувања сугерираат дека вакцинирањето со три дози, заедно со редовните засилувачки вакцини за ранливите групи, останува најдобриот пристап. Нема индикации дека се потребни повеќе вакцини“, се наведува на веб-страницата на универзитетот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ