сабота, 27 јули 2024

Герасимовски: Иницијативата за конфискација на дивоградбите ја поддржаа сите градоначалници

Објавено на

часот

Сподели

Градоначалникот Герасимовски во интервјуто дискутираше и за Иницијативата која општината ја поднесе до ЗЕЛС минатата година, а се однесува на Законот за градежно земјиште, односно делот за дооформување на градежните парцели.

„Законската можност е доколку поседувате 30 отсто од земјиштето, да ја дооформите парцелата со останатите 70 отсто. Гледајќи го тоа и ветувајќи го во предизборието, баравме начини како да го заштитиме државното земјиште и да не го распродаваме. Направивме предлог иницијатива да се смени таа бројка и доколку имате сопственост 70 отсто, да можете да ги дооформите и останатите 30 отсто“, појаснува градоначалникот Герасимовски.

Иницијативата е доставена до Заедницата на локални самоуправи (ЗЕЛС), а од таму е доставена и до Министерството за транспорт и врски, додава Герасимовски и вели дека на состанокот кој ќе го има со министерот Благој Бочварски во наредните денови, покрај Иницијативата за конфискација, ќе ја дискутира и иницијативата за 70-30.

„Во моментов се подготвуваат и други иницијативи од страна на општината. Ги согледуваме проблемите со кои се соочуваме на терен и со кои се соочуваат и самите граѓани. На пример, на пострмните делови, како на Водно, имаат законска можност квотата да се земе од долната улица а висината е 5+2 ката од горната улица, па тие почнуваат да градат од долу и добиваат плус дополнителни неколку спрата, што го оштетува самото земјиште и околината, а станува збор за стрмно земјиште. Водно знаеме колку е изградено, знаеме со што се соочуваме и во моментов бараме начин преку иницијатива како да го заштитиме“, изјавува Герасимовски.

Дополнително, поради големиот број на возила во општината и проблемот со паркирањето, на иницијатива на градоначалникот Герасимовски, Советот ја донесе Одлуката за доуредување на начинот на обезбедување паркинг места во рамките на градежна парцела со употреба на механизирани паркинг системи.

„Со оваа одлука, при издавање дозвола за градба, покрај тоа што има задолжителен паркинг простор во самата парцела, сакаме да ги отстраниме оние непопуларни ‘клацкалки’ за паркирање, коишто не се изведуваат на лице место. За жал, не сите инвеститори ги изведувале на времето и се соочуваме со проблеми со паркирањето, односно дел од тие возила остануваат на улиците. Ја размислуваме можноста за иницијатива да при купување на стан задолжително влезе и цената на паркинг простор, односно да секој сопственик на станбена единица во зграда, при купување на станот, да мора да има и паркинг место под зграда“, смета Герасимовски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ