петок, 26 јули 2024

Герапетритис: Имаа пет години за да ги сменат пасошите и табличките

Односите на Грција со Македонија се наоѓаат на исклучително задоволително ниво, билатералните односи се развиени во последните пет години, многу повеќе во споредба со претходните 15 години и се наоѓаат во континуирана динамика, но, мора да бидеме јасни дека придржувањето кон Договорот од Преспа ќе треба да биде строго и целосно за можеме да разговараме на исто ниво, истакна министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис од грчкиот Парламент одговорајќи на прашање на пратеничката од Сириза, Рена Дуру.

Фото: МИА

Објавено на

часот

Сподели

Герапетритис уште еднаш повтори дека Договорот од Преспа е меѓународен договор што не може да се измени од никоја од страните, посочи дека грчката Влада внимателно го следи спроведувањето, а паралелно детално се осврна и на промената на пасошите, за кое посочи дека „сè уште не постои целосна усогласеност“.

Појасни дека „прилагодувањето на патните исправи е поврзано со петгодишниот технички преоден период што го имаше соседната земја“.

„Имаше можност во периодот од пет години да ги направи потребните прилагодувања, како во однос на патните исправи, така и во однос на регистарските таблички на приватните возила. Ова до денес не е завршено, не поради одговорност на Грција, туку не е завршено бидејќи имаше бирократски, организациски или други проблеми од страна на Република Северна Македонија“, рече Герапетритис.

Додаде дека Грција има „политичка должност“ да го следи доследното спроведување на Договорот по овие прашања и, како што рече, кога постои неусогласување или непочитување да реагира.

„Грчката Влада и Министерството за надворешни работи ги направија сите неопходни дејствија, токму поради недоволната усогласеност на патните исправи и нивното прилагодување на новото име. Во врска со ова е и формалното и официјално информирање на властите во странство, на грчките дипломатски претставништва, на властите во ЕУ како и државите членки на Европската Унија за да постои целосно разбирање на имплементацијата на Договорот од Преспа“, посочи шефот на грчката дипломатија.

Објасни дека без разлика дали некој се согласува или не со одредени поглавја од Договорот на Преспа, „за кои навремено беше посочено“, денеска договорот е „законски текст, кој не може да се модифицира, ја обврзува грчката држава, го обврзува грчкиот Парламент“.

Герапетритис одговараше и за трите меморандуми за соработка на Грција со Македонија кои од 2019 година сè уште не се ратификувани од страна на грчкото Собрание, јави дописничката на МИА од Атина.

„Предвидените меморандуми ќе дојдат за ратификација во Парламентот во време кое грчката држава ќе го оцени како соодветно и секогаш поврзано со правилното и добронамерно спроведување на одредбите од Договорот од Преспа“, рече Герапетритис.

Од грчка страна, остануваат нератификувани три меморандуми за кои шефот на грчката дипломатија доби прашање од пратеничката од опозициската Сириза, Рена Дуру. Но, тој не даде одговор кога тоа ќе биде направено.

„Предвидените меморандуми ќе дојдат за ратификација во Парламентот во време кое грчката држава ќе го оцени како соодветно и секогаш поврзано со правилното и добронамерно спроведување на одредбите од Договорот од Преспа“, рече Герапетритис.

Трите меморандуми за кои праша пратеничката Дуру веќе пет години се доставени до грчкиот парламент, а се однесуваат за забрзување на процесот на интеграција на Македонија во ЕУ, за формирање на координативен комитет за економска соработка и техничка спогодба за надгледување на летовите.

Освен што овие три меморандуми не се изгласани, грчките власти до сега не ги сменија ниту патните табли кои водат кон Македонија.

Според Договорот Грција треба да се придржува кон меѓународните правила и регулативи во однос на транзитот, знаците и кодовите.

Паралелно уште еднаш ја повтори и истакна грчката поддршка за европската интеграција не само на Македонија, туку и на сите земји од Западен Балкан.

„Реалноста е дека освен придобивката што ќе ја имаат самите земји од Западен Балкан со интеграцијата во Европската Унија, туку и самата ЕУ ќе се ревитализира, ќе се надгради преку нејзиното проширување кон овој регион, регион кој како што сите знаеме, историски е многу чувствителен“, порача Герапетритис.

Истакна дека „Грција секогаш ќе биде во позиција да може да ги зајакне напорите, не само на Македонија, туку и на сите земји-членки од Западен Балкан, на нивниот пат кон европското семејство“.

Рокот од пет години од стапувањето на сила на договорот за промена на документите за меѓународна употреба од Македонија, истече на 12 февруари, а повеќе од половина милион граѓани поради непроменети лични документи не можат да ја напуштат државата, а македонските иселеници може да дојдат во Македонија со патни листови но не можат да ја напуштатдржавата.

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, на 21 февруари изјави дека од другите земји, единствени што официјално се изјасниле за пасошите и останатите документи се Швајцарија која известила дека ќе дозволува движење со пасошите со старото уставно име, како и Босна и Херцеговина која информирала оти нема да ги признава ниту пасошите ниту личните карти со старото име.

Денеска пак, амбасадорите на Австрија и на Хрватска во Македонија, Мартин Памер и НивесТигањ, на средба со врвот на Министерството за внатрешни работи (МВР) ијавија дека двете држави имаат разбирање за овој проблем и им излегува во пресрет на македонските граѓани за непречено да го остваруваат правото на слободно движење.

„Амбасадорот Памер стави акцент на досегашната соработка, која треба да продолжи да се развива и во иднина. Австрија е голем поддржувач на нашиот европски пат. Во однос на македонските патни исправи истакна дека Австрија има разбирање за овој проблем и излегува во пресрет на македонските граѓани кои непречено го остваруваат правото на слободно движење во Австрија со старите обрасци доколку истите имаат валиден рок и регулиран престој во Австрија“, соопшти МВР.

Тигањ пак посочила дека македонските државјани имаат непречено движење на хрватската територија и со старите обрасци на патни исправи доколку истите имаат рок на важност, за што министерот Тошковски изразил огромна благодарност, информираа од МВР.

Северна Македонија и Грција, Договорот од Преспа го потпишаа на 17 јуни 2018 година, а стапи на сила на 12 февруари 2019 година.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ