сабота, 27 јули 2024

Герапетритис: Грција нема намера да побара санкции за прекршување на Преспанскиот договор

Засега не постои никаква намера за активирање на процедурата за прекршување на Договорот од Преспа, истакна министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис по средбата со неговиот египетски колега Самех Шукри, одговарајќи на новинарско прашање за евентуална иницијатива од грчката страна, со можно активирање на член 19 што се однесува на решавањето на споровите, Според Договорот од Преспа, секој спор што ќе се јави меѓу Македонија и Грција во однос на неговото толкување или спроведување и кој нема да се реши во согласност со постапките наведени во него, може да поведе спор пред Меѓународниот суд на правдата.

Објавено на

часот

Сподели

„И Грција и Северна Македонија се обврзани да го почитуваат меѓународното право и меѓународните обврски што ги презедоа. Грција со строгост го следи почитувањето на договореното. Владата на Северна Македонија сè уште нема положено свечена заклетва, па така ќе ги очекуваме случувањата во ова поглавје. Засега не постои никаква намера за активирање на никаква процедурата за прекршување. Разбираме дека овие прашања ќе се оценат и од грчката дипломатија, секако исто така и од Европската Унија ви рамките на интегративниот процес на Северна Македонија“, рече Герапетритис, јави дописничката на МИА од Атина.

Според Преспанскиот договор Македонија и Грција сите спорови ќе ги решаваат „единствено со мирољубиви средства, во согласност со Повелбата на Обедините нации“.

„Во случај една од Страните да смета дека другата Страна не дејствува во согласност со одредбите од оваа спогодба, таа Страна прво за својата загриженост ќе ја извести другата Страна и ќе се бара решение преку преговори. Доколку Страните не можат прашањето да го решат билатерално, Страните може да се согласат да побараат од генералниот секретар на Обединетите нации да ги употреби неговите добри услуги за решавање на прашањето“, пишува во Преспанскиот договор.

Според Договорот, секој спор што ќе се јави меѓу Македонија и Грција во однос на толкувањето или спроведувањето на Договорот од Преспа и кој нема да се реши во согласност со постапките наведени во него, може да поведе спор пред Меѓународниот суд на правдата.

„Страните прво треба да настојуваат да постигнат согласност со цел заеднички да поведат таков спор пред наведениот суд. Сепак, доколку не се постигне таква согласност во рок од шест месеци, или за подолг период за кој заемно ќе се согласат двете Страни, тогаш таквиот спор пред истиот суд може да го поведе секоја Страна поединечно“, пишува во Договорот од Преспа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ