петок, 24 јануари 2025

Генерален штрајк во Србија, блокиран автопатот Нови Сад – Белград (ФОТО+ВИДЕО)

Студентите, кои повеќе од два месеци блокираа околу 60 факултети во Србија поради трагедијата на железничката станица во Нови Сад, ги повикаа српските граѓани денеска да излезат на генерален штрајк.

Фото: социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Во исто време, српскиот претседател Александар Вучиќ и владејачката Српска напредна партија повикаа на голем собир во Јагодина што треба да го одбележи формирањето на „народното движење за пристојна Србија“, за разлика од сè помасовните протести насочени кон борба за поправедно општество засновано на владеење на правото.

Генерален штрајк за денеска најавија синдикатите, угостителите, претприемачите и културните институции, а некои медиуми ќе известуваат исклучиво за него или ќе молчат 15 минути од 11:52 до 12:07 часот, кога 15 минути се молчи за да им се оддаде почит на 15-те лица кои загинаа при уривање на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, ќе престане да се емитува медиумска содржина и објави на нивните портали.

Студентите во блокадата ги повикаа граѓаните на Србија во петок целосно да ги прекинат сите активности, наведувајќи дека „генералниот штрајк“ треба да биде израз на општа граѓанска непослушност и граѓанска солидарност. Зборувајќи за најавата за штрајк, Вучиќ рече дека во земјата има „многу лудаци“.

Новосадската опозиција утрово го блокираше автопатот Нови Сад – Белград. Блокадата ќе трае еден час, изјави Мариника Тепиќ, потпретседателка на Партијата за слобода и правда.

„Штотуку го блокиравме автопатот Нови Сад – Белград во знак на поддршка на студентите, воспитувачите, наставниците, професорите и предучилишните установи кои исто така од 9:30 часот утринава протестираат во Нови Сад. Опозицијата од Нови Сад, пратениците и советниците, сите обединети во блокадата, на штрајк на автопатот. Моите колеги се тука, никој не се жали засега, сите разбираат“, рече Тепиќ.

Пленумот на просветните работници на градот Ниш одлучи целосно да ја прекине наставата во основните и средните училишта во тој град додека не се исполнат барањата на студентите. Во соопштението се наведува дека одлуката е донесена едногласно, со јавно гласање.

Просветните работници од пленумот испратија писмо до родителите и ги повикаа да ја поддржат борбата што ја водат студентите. „Да бидеме заедница која ќе ги промени овие бизарни рамки кои ни се наметнати – не ги праќајте вашите деца на училиште, застанете со нас! Само така заедно ќе дочекаме и ќе се бориме за подобро утре“, се наведува во писмото.

Српскиот претседател Александар Вучиќ се обрати преку видео порака на својот Инстаграм профил. „Србија работи, Србија се гради. ЕКСПО се гради, Србија работи. Овде сме на темелната плоча, овде е идната гаража, во станбениот блок, 700 метри подалеку сè се гради“, рече Вучиќ, кој не го коментираше денешниот генерален штрајк.

Белград беше избран да биде домаќин на меѓународната изложба ЕКСПО 2027 по четири круга гласање на Генералното собрание на Меѓународното биро за изложби (БИЕ) во Париз. Белград, како еден од петте кандидати кои се натпреваруваа со САД, Тајланд, Шпанија и Аргентина, имаше најголем број гласови во сите кругови, а во последниот круг гласање единствениот противнички кандидат беше Шпанија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ