понеделник, 21 октомври 2024

Генерал Лафчиски смета дека е според законот назначен за началник на ГШ на АРМ

Генрал мајор Сашко Лафчиски смета дека е согласно законот и сите прописи назначен за началник на Генералштабот на Армијата.

Објавено на

часот

Сподели

На прашањето од новинарите дали е контактиран од Антикорупциската комисија која отвори предмет за неговото назначување, генералот рече дека тоа прашање е во надлежност на претседателката на државата, но и додаде дека смета оти нема ништо спорно во неговото назначување за прв човек на војската.

„Јас, пред сè сум војник, носам униформа. Тука сум да командувам и да раководам со Армијата и да ѝ служам на Македонија. Не би коментирал никакви наредби, никакви укази од страна на претседателката, а помалку не би коментирал укази и наредби кои се согласно со закон“, рече Лафчиски.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски на истото прашање рече дека смета оти сè е според законот и прописите.

„Стигнато е барање од ДКСК, ќе биде одговорено во најбрз можен рок од страна на Министерството и од страна на Генералштабот, истото е доставено до претседателката, сите заеднички ќе одговориме. Но јас сакам да ве уверам дека е согласно закон и сите прописи“, рече Мисајловски на новинарско прашање по примопредавањето на опрема од Република Турција за Армијата во касарна „Илинден“.

Лафчиски станал бригаден генерал пред точно две години, а во генерал-мајор е унапреден годинава и тоа ден пред да биде назначен за началник на ГШ на АРМ.

Државната комисија за спречување корупција отвори предмет во врска со неговото  назначување, по претставка од страна на опозициската Алијанса за Албанците која смета дека Лафчиски не ги исполнува потребните услови за позицијата и дека  неправедно и незаконски го зазел местото што му припаѓало на генералот Бесник Емини.

Според партијата, Лафчиски не ги исполнува условите според возраста и стажот, но и дека исто така тој не го исполнува условот да бил најмалку шест месеци командант на Оперативната команда.

„Над сè, како бригаден генерал, Лафчиски нема четири години искуство како што бара законот за да може да биде именуван за генерал-мајор“, реагираше во име на Алијанса за Албанците, Кренар Лога, поранешен министер за правда кој посочува дека унапредувањето во генерал мајор му е дадено ден пред назначувањето за началник на ГШ на АРМ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ