четврток, 17 октомври 2024

Газа е во ризик да стане гробница на меѓународното право

Истакнат палестински адвокат за човекови права, чиј дом во Газа бил уништен во израелски воздушен напад во првите недели од војната, ги повика западните сили и глобалните институции да направат повеќе за да спречат територијата да стане „гробница на меѓународното право“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Раџи Сурани, кој го основа Палестинскиот центар за човекови права во 1995 година и беше клучен член на јужноафриканскиот правен тим што го тужеше Израел за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, минатата недела се сретнал со јавниот обвинител на Британија за да го повика да преземе водечка улога во одбраната на хуманитарното право, пишува Гардијан.

Сурани (70) поминал повеќе време борејќи се против Израел пред домашните и меѓународните судови отколку веројатно кој било друг палестински адвокат. Тој смета дека светот е на крстопат, наведува британскиот весник.

Неговата двокатна куќа во Газа била уништена во октомври 2023 година со бомба тешка 900 килограми, набргу откако дал интервју за Ејми Гудман, основачката на левичарската независна ТВ Демокраси нау. Сурани избегал со сопругата и синот и се вратил следниот ден да ги пребара урнатините. Тој е убеден дека неговата куќа била намерно нападната. Како и многумина, тој вети дека никогаш нема да ја напушти Газа, но бил убеден дека ако остане, ќе биде убиен и сега живее во егзил во Каиро.

Сурани бил затворан шест пати, а Израел го обвини дека е „терорист во костум и вратоврска“. Сурани тврди дека насилството минатата година можеби немало да се случи ако неговата верба во моќта на законот да принуди на одговорност била подобро потврдена пред израелските и меѓународните судови.

Сурани, кој е вџашен од двојните стандарди на Западот кон Украина и Газа, предвидува дека Израел сепак има намера да ги протера сите Палестинци во Синај.

Тој во интервју за Гардијан рече дека не е сигурен колку Западот е свесен дека загрозува нешто скапоцено со тоа што го штити Израел од правните последици за неговите постапки.

„Ситуацијата е мрачна, црна и крвава“, рече тој. „Има луѓе што сакаат Газа да биде гробница на меѓународното право. Во чиј интерес е тоа? Или имаш владеење на правото или владеење на џунглата. Нема средина. Во моментов, победуваат моќните“.

Тој силно го критикува Меѓународниот кривичен суд (МКС), со кој неговиот центар формално соработува за окупацијата од јануари 2015 година, долго пред одговорот на Израел на нападот на Хамас на 7 октомври да го поттикне главниот обвинител на судот, Карим Кан, да го обвини израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за колективно изгладнување и злосторства против човештвото.

Сурани бил вчудовиден кога првиот обвинител на МКС, Луис Морено Окампо, му рекол дека не може да дејствува против Израел без дозвола од САД. „Тој рече: ‘Јас сум учтив човек’, а јас му реков: ‘Ти треба да бидеш глобален чувар на меѓународното право, правната совест на жртвите низ светот, а ми велиш дека нема да преземеш ништо ако Американците не дадат зелено светло? Шокиран сум, срам да ти е’“.

Тој се плаши дека Кан е премногу внимателен и продолжува да го критикува, иако Кан бараше налог за апсење на Нетанјаху за колективно казнување и изгладнување.

„Тој не се сретна со нас две години, иако сме ризница на докази. Јас лично му кажав дека ако МКС реагираше порано, во 2015, 2020, 2021 или 2022 година, можеби тоа немаше да се случи. Пораката што Израел ја слушаше цело време е дека е недопирлив и е над одговорноста. Тоа ги охрабри да продолжат“, рече Сурани.

Тој смета дека е иронично што израелските адвокати сега се противат на барањето на Кан за налозите за апсење врз основа на комплементарност – принципот дека МКС не може да преземе случај додека не се исцрпат домашните правни опции.

Тој вели: „Ги познавам израелските судови. Сите ми велеа дека израелскиот правен систем е софистициран и независен. Пробај го. Да, се обидовме, илјадници случаи, на пример, против убиствата на 228 Палестинци за време на Големиот марш на враќањето во март 2018 година. Тогаш ги сфативме ограничувањата на израелскиот правен систем. Не само ние, сите заклучија дека израелскиот систем е неспособен и не сака да им донесе правда на Палестинците. Никој никогаш нема да бара одговорност од Израел. Тоа е невозможна мисија“.

Зборувајќи за својата иднина, тој рече дека нема „право да се предаде“.

„Тие сакаат да се откажеме. Ние го немаме луксузот на избор. Мора да повикаме на почитување на меѓународното право. Тоа е изум на Западот. Но ќе ја ослободиме ли Палестина со судска пресуда? Никогаш. Ја знаеме нашата тежина и големина. Ние не ги заменуваме политичките партии. Ние не ја заменуваме нивната улога, но ги повикуваме да размислат што значи ако Газа стане гробница на правото“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ