четврток, 30 мај 2024
Ристо Цицонков

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Гасификација на Македонија – дали е веќе доцна? (1)

Во земјава постои погрешна перцепција дека природниот гас е еколошко гориво. Тоа припаѓа во групата на фосилни горива (јаглен, нафта и гас) така што при нивно согорување се ослободува јаглерод-диоксид (СО2) кој е главен причинител на глобалното затоплување, т.е. климатските промени.

 

Денес во Република Македонија природен гас пристигнува преку еден гасовод од Бугарија преку граничниот премин Деве Баир. Изграден е магистрален гасовод до Скопје во должина од 98 км кој поминува покрај Крива Паланка и Куманово. Истиот е пуштен во употреба во 1998 година и тоа само до големи потрошувачи, главно во и околу Скопје. Долги години гасоводот беше користен со 10 до 15% од номиналниот капацитет бидејќи не беше изградена дистрибутивна мрежа до потенцијалните потрошувачи. Тоа сигурно се одразува(ше) на цената на гасот и на рентабилноста на гасоводниот систем. Искористеноста на гасоводот порасна до околу 40% по изградбата на „Те-То“, што значи сѐ уште е доста под номиналниот капацитет.

Деновиве беше објавена информација на Државниот завод за ревизија (ДЗР) со наслов „Бавната гасификација – со негативно влијание на енергетската транзиција“. Во неа се кажува дека ДЗР има извршено ревизија на тема „Развој на системот за гасификација во РМ‘‘, во државната компанија АД НОМАГАС.

Во 2016 година почната е изградба на дополнителни гасоводи за гасификацијата на целата територија на РМ. Со ревизијата е утврдено дека изградбата на истите се одвива со бавна динамика и постојат отстапувања во однос на планираната временска рамка, местоположбата на гасоводите, како и планираните финансиски средства за изградба. Најголем дел од нив, иако се изградени, сѐ уште не се ставени во употреба. За ваквата состојба се наведуваат следниве причини: бавно решавање на предметите за експропријација, слабости во следењето на реализацијата и надзорот над изградбата на магистралните гасоводи, како и во начинот на одржување на гасоводната мрежа.

Понатаму ревизорите утврдиле постоење на залихи на материјали и резервни делови, со вкупна вредност од приближно 1,6 милиони евра, кои не се користат, со што се доведува во прашање потребата од нивна набавка како и можноста истите да бидат застарени и неупотребливи. Заради недоволна координација со надлежните служби на Град Скопје, не е завршен гасоводниот прстен околу градот. За надминување на констатираните состојби дадени се препораки со цел преземање на мерки и активности за отстранување на слабостите и за развој на гасификацијата на државата.

Но целта на овој напис не ми e да ја коментирам ревизијата направена од државниот завод, туку да укажам на многу работи за идните планови и инвестиции за користење на природниот гас во иднина. Покрај направените големи грешки во минатото, а особено во последниве неколку години, се најавуваат зафати што нема да бидат соодветни на потребите и условите во РМ, но и во меѓународни рамки.

Во тек е постапка за избор на инвеститор што треба да ја гради дистрибутивната гасна мрежа во Скопје и во други градови за да се овозможи помасовна употреба на природниот гас, особено во домаќинствата. Но во моментов не се знаат многу работи како ќе се остварува тоа. За индивидуалните станбени објекти (куќите) решенијата се поедноставни. Кај нив може да се инсталира систем за сопствено централно греење (топловоден котел поврзан со цевководи со грејни тела). Но каков систем да се инсталира во колективните станбени објекти (зградите), дали систем со еден заеднички топловоден котел и заедничка цевководна мрежа за цела зграда или посебни (поединечни) системи со котел во секој стан и одвоена цевководна мрежа? Се наметнуваат технички прашања и за подготовката на топла (санитарна) вода и за користење на гасот за готвење.

Но тука се појавува дилема дали користењето на природен гас за греење на зградите (вклучувајќи и куќи) е соодветно решение со оглед на околностите заради климатските промени. За да се постигнат целите на Парискиот договор за климатски промени потребно е да се исфрлат од употреба фосилните горива за да има нето нула емисии на стакленички гасови до 2050 година. Ова се нарекува и енергетска транзиција или зелена транзиција. Тоа не може да се постигне преку ноќ, затоа веќе се преземени многу мерки и активности во светот.

Меѓународната агенција за енергија (IEA) соопшти дека новите гасни котли (и гасни печки) треба да бидат забранети најдоцна до 2025 година. Многу апарати и инсталации имаат животен век до 25 години, што доведува до препорака дека забраните мора да се случат веднаш, или најдоцна до 2025 година, инаку целите на нето нула емисии до 2050 година не можат или веројатно нема да се постигнат.

Значи во светот природниот гас се исфрлува од употреба, а во РМ на големо градиме гасоводи низ целата територија на државата. А за изградба на дистрибутивни мрежи на гас „абер немаме“. А кога ќе изградиме, веројатно ЕУ ќе бара од нас да ги спроведуваме нивните мерки за постепено исфрлање на гасот од употреба.

Како понатаму? Некои можности и дилеми ќе бидат опишани во уште еден напис како продолжение кое ќе биде објавено во текот на следните денови.

Д-р Ристо Цицонков,

редовен професор Машински факултет – Скопје

КОЛУМНИ

Рајко Пеколски

Kратки вести

Филип Клетников

Што не е во ред со Друштвото на писателите на Македонија?

Вилсон

Легитимитетот на лидерот и на раководството на СДСМ мора да извира...

Филип Темелковски

Да престане битката за партијата, да ја вратиме борбата за социјалдемократијата

Бранко Азески

Бизнисот со Грција, странските инвестиции со Мизо и новата влада

Весна Попоска

Вo кој правец ќе дувне ветрот во Грузија?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ