сабота, 27 јули 2024
Лидерот на Алтернатива за МКД.мк

Гаши: За Ахмети е во ред да има поддршка од Рама, а е вознемирен зашто ја нема од Курти

На прашање на МКД.мк како ја коментира изјавата на Али Ахмети дека косовскиот премиер Аљбин Курти се меша во внатрешните работи на Македонија, Африм Гаши, претседател на Алтернатива и еден од лидерите на Европски сојуз за промени вели дека Ахмети е вознемирен зашто ја загубил поддршката од Косово и е во исчекување на изборен пораз. „За Ахмети е во ред премиерот на Албанија Еди Рама да му искажува поддршка и тоа не претставува мешање, а кога изостанува поддршката од Косово, тогаш тој е вознемирен и дава такви изјави“, вели Гаши.

Објавено на

часот

Сподели

„Еди Рама секој ден организира настани и медиумски простор за Али Ахмети, го прогласуваат за личност на годината и му даваат секакви епитети, така што Еди Рама е доста вклучен и му помага колку што може и ќе продолжи да го прави истото. Исто така, 20 години наназад Али Ахмети добива безрезевна подршка и од Косово и од Албанија. Да се потсетиме само кога Хашим Тачи (поранешен водач на УЧК, поранешен премиер и претседател на Косово, н.з.) доаѓаше на сред предизборна кампања да доделува пофалници за придонес во УЧК и тоа ‘случајно’ само на членови на ДУИ.

Значи кога Косово и Албанија му помагаа на Ахмети да победува, беше во ред да се мешаат, а сега кога за прв пат од Косово престана помошта за ДУИ, сега Ахмети е вознемирен зашто останал само со поддршка од Еди Рама. Јасна е само една работа, Али Ахмети е многу исплашен од пораз и од одење во опозиција, ама како што вели народот, за стравот лек нема“, изјави за МКД.мк Африм Гаши.

Изјавата на Гаши е реакција на изјавите на лидерот на ДУИ, Али Ахмети на гледаната албанска телевизија Топ чанел.

„Премиерот на Косово, Аљбин Курти, се меша во политичката сцена на Албанците во  Македонија. Еди Рама не го прави тоа, тој направи напори да ги приближи партиите во Македонија и благодарен сум за ваквиот пристап“, изјави Али Ахмети.

Во изјава за МКД.мк организацискиот секретар за односи со јавноста на Алтернатива, Орхан Муртезани дополнува:

„Ахмети е во паника од поразот, сака физички и вербално да се пресмета со сите Албанци кои се спротиставуваат на неговите погрешни и коруптивни политики. Затоа се случи скандалот во М-НАВ, тепањето од партиското обезбедување на ДУИ на Клиниката за гинекологија, токму во тој контекст е и неговата изјава против најпопуларниот албански политичар, Аљбин Курти. Лицемерно е Ахмети да зборува за наводно мешање во внатрешните работи, бидејќи токму тој го молеше Еди Рама лани во јануари да ги собере сите лидери на албанските партии од Македонија во Тирана, за да се дефинираат условите за уставни измени“.

Инаку, неодамна, Евроскиот сојуз за промени (Алтернатива, Беса и Демократско движење) најави дека како „четврти столб“ на изборите ќе учествува и косовското Самоопределување чиј лидер е премиерот Курти. На прашање на МКД.мк тогаш Гаши појасни дека можно е на листите на коалицијата да бидат кандидати, државјани на Македонија кои се симпатизаери или членови на косовската партија.

Соработката на опозицискиот блок на Албанците во Македонија со партијта на Курти беа на извесен начин промовирани минатата година со приватната посета на косовскиот премиер кога тој имаше средби само со трите партии од Европскиот сојуз за промени и учествуваше на нивни манифестации по тој повод.

Таквиот потег на Европскиот сојуз за промени наиде на критики од ДУИ и изненадување во политичката јавност. Самоопределување имаше обид за влез во политиката на Албанија преку учество на избори, а оттогаш односите меѓу Еди Рама и Аљбин Курти дополнително се влошија.

Курти за време на приватната посета немаше средба ниту со Ахмети, ниту со македонскиот премиер Димитар Ковачевски, а неговата посета беше протолкувана како настојување на Курти за промена на власта во Македонија.

П.Џамбазоски

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ