„Не мислиме дека за изборите за нас е решавачка соработката со Самоопределување, но е битна симболиката и силната политичка порака, а таа е дека и во Македонија конечно треба да се случат промени, да се смени власта и од власта да се симне корумпираната ДУИ. Пораката е и дека ДУИ ја нема поддршката од Косово, а ја имаше порано“, вели за МКД.мк Гаши.
На прашањето како Европскиот сојуз смета дека ќе може на изборите во Македонија да учествува со Самоопределување, кога е тоа партија која е од друга земја и дали тоа значи дека на изборните листи ќе бидат ставени граѓани на Македонија кои се симпатизери или членови на Самопределување (со двојно државјанство“, Гаши одговара кусо:
„Така мислиме да биде“.
На наше прашање дали ќе се оди и на соработка со партија од Албанија како „петти столб’, Гаши негира.
Но, можна е соработка со движењето Продолжува битката на Албанците од јужна Србија на кои им упативме порака, вели Гаши, чиј лидер Шаип Камбери од Прешево обезбеди пратенички мандат во српскиот парламент на изборите што се одржаа на 17 декември.
Камбери доби честитки од речиси сите лидери на Албанците, а пред изборите неговата партија имаше средба со косовскиот премиер и лидер на Самоопределување, Аљбин Курти.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска даде коментар во врска со здружувањето на Европскиот сојуз за промени со Самоопределување. Тој има дилема дали е можна таква соработка.
„Треба да се види законот за политички партии, законот за избори. Нормално дека сестрински партии можат да се подджуваат меѓусебе, како ние социјалдемократските партии од соседството и регионот. Меѓутоа моделот за кој зборуваат навистина не можеше да биде јасно препознаен во некоја изјава која беше дадена и затоа треба да биде дообјасено. Бидејќи ако почнат партии од соседството да учествуваат на избори овде тогаш може да замислите што ќе биде ако дојде и од другите соседни држави да учествуваат на избори овде“, изјави Ковачевски.
Соработката со косовскиот премиер може да се каже дека не е случајна. Партиите од Европскиот сојуз за промени пред да го официјализираат своето здружување, на гости го повикаа Курти во чија чест направија големи политички собири во Чаир и во Тетогво, а притоа, Курти иако е премиер, дојде во Македонија без да побара средба со премиерот Ковачевски, но ниту со лидерот на ДУИ. Неговата посета ги влоши ионаока влошените односи меѓу партиите на Албанците во Македонија, а од македонскиот политички блок предизвика бројни негативни реакции особено поради истакнувањето само на албанското знаме и симболи.
Доколку Самоопределување настапи на изборите во Македонија, тоа нема да биде прв излет на партијата надвор од Косово. Самоопределување учествуваше и на избори во Албанија. Крешник Спахиу, политички аналитичар од Албанија, токму по партиската посеета на Курти на Македонија, во телевизиско гостување оцени дека намерата на косовскиот премиер е да се урне власта во Македонија и додаде дека таквото сојузништво не е законски забрането.
„Откако се обиде да ја урне владата на Тирана, тој се обидува да ја урне и владата во Скопје. Аљбин Курти знаеме, ‘влезе’ на изборите во Тирана, отворено бараше власт во Албанија, ама ‘излезе’ со 300 гласа. Увидувајќи дека не успеа зашто практично немаше поддршка од гласачите во Албанија, Курти се обидува да создаде политички конфликт правејќи сојуз со опозицијата во Северна Македонија“, изјави Спахиу летово во гостување на Еуроњуз Албанија.
Гаши на ваквата забелешка ни изјави дека состојбите во Македонија се поразлични од тие во Албанија.
Инаку, на вчерашниот собир на Европскиот сојуз за промени на кој беше соопштена соработката со Самоопределување, говореше Беким Ќоку, кој е советник на Аљбин Курти за соработакта на Косово со Македонија.
„Причината поради која Самоопределување ѝ помага на албанската опозиција е да донесе промени за да се искоренат коруптивните политики и да се елиминира дискриминацијата врз Албанците. Ги поканувам и другите политички партии, граѓанското општество и отворено ја канам Алијанса за Албанците да се приклучи на оваа промена бидејќи јас како поранешен член на Алијанса го чувствувам и знам менталитетот и опозицискиот дух на партијата на Арбен Таравари и знам дека таа има свое место во овој политички растеж на промените“, рече Ќоку.
Беким Ќоку, советникот на Аљбин Курти, е од Струга, а своето високо образование го стекнал на Универзитетот во Тирана.
Неговото македонско државјанство можеби ќе биде визата и самиот да учествува на изборите во Македонија на листата на Европскиот сојуз за промени, на која веројатно, нема да биде наведено дека е од Самоопределување. Но, ќе се знае.
П.Џамбазоски