сабота, 27 јули 2024

Гардијан: САД со прелети на Ф-16 ја поддржаа Босна пред прославата на Денот на РС

Два американски борбени авиони летаа над Босна додека делови од земјата се подготвуваа да ја одбележат годишнината од прогласувањето на Република Српска за отцепена држава, пишува Гардијан на насловната страница.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Двата американски борбени авиони прелетаа во понеделникот над Босна во знак на поддршка за земјата во пресрет на националистичката воена парада, планирана од српските сепаратисти во време на високи тензии, вели британскиот весник.

Американската амбасада во Сараево соопшти дека прелетите биле дел од заедничките вежби со босанскохерцеговските сили, како и „демонстрација на посветеноста на САД да го зачуваат територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина против сецесионистичките активности во таа земја. Авионите летаа над Тузла и Брчко, но можеа да се слушнат и во Бања Лука, главниот град на босанскохерцеговските Срби, каде што за денеска е најавена прославата на 32-годишнината од основањето на сецесионистичката Република Српска.

Одбележувањето ќе содржи и парада на паравоените единици што ја негираат државноста на БиХ, а кои беа забранети од Уставниот суд на БиХ како дискриминаторски и опасни за несрпските народи во земјата. Се потсетува дека формирањето на Република Српска во јануари 1992 година предизвика општа граѓанска војна во БиХ и доведе до масовно етничко чистење на Бошњаците и Хрватите, во конфликт во кој животот го загубија речиси 100 илјади луѓе.

Претседателот на Република Српска Милорад Додик не го спомена прелетувањето на американските авиони и уште еднаш повтори дека „целта на српскиот народ е српска држава во БиХ“. Додик доби пораки за поддршка од српскиот претседател Александар Вучиќ, кој за денеска најави огномет во Белград во исто време со Бања Лука и другите градови во Република Српска.

Овогодинешната прослава се одвива во немирна атмосфера и во контекст на зголемениот број напади и закани кон бегалците што се враќаат, особено Бошњаците и Хрватите, во Република Српска. Во неделата, двајца Срби беа уапсени за употреба на огнено оружје во Сребреница, каде што во 1995 година беше извршен геноцид во кој загинаа 8.000 бошњачки мажи и момчиња. Сторителите беа ослободени во понеделникот по протестите и повиците на православното свештенство и градоначалникот на Сребреница.

„Постои оправдан страв и чувство на несигурност кај повратниците дека долгорочниот политички авантуризам на Милорад Додик почнува да поттикнува насилство“, рече Јасмин Мујановиќ, бошњачки истражувач и автор на многубројни книги за поновата историја на Босна и Херцеговина.

Американската амбасада, исто така, во понеделникот најави дека ќе дејствува доколку има некакви сецесионистички потези од која било страна, што би претставувало злоупотреба и кршење на Уставот на Босна и Херцеговина и Дејтонскиот договор. Но самиот Додик досега веќе неколкупати ги заобиколуваше Уставот и институциите на БиХ, а во прилог му оди и фактот што бројот на членовите на Силите за стабилизација и мир на ЕУ (ЕУФОР) во последните две децении се намали од 7.000 на само 1.000.

„Ова е проблем на одвраќање“, тврди Харис Имамовиќ, политички аналитичар и поранешен советник на Претседателството на БиХ. „Западните политичари и моќните луѓе немаат воспоставено механизми за одвраќање и заштита на БиХ, тие немаат вистинска моќ“, објасни тој.

Јасмин Мујановиќ рече дека прелетите на Ф-16 се добредојдени, но и дека тие се недоволен сигнал за наводната американска одлучност: „Мислам дека ова не претставува значајна промена во американската политика, но затоа е делумно признавање од страна на Американците дека ја загубиле ПР-битката во поглед на тоа дека американските пораки и закани никој повеќе не ги сфаќа премногу сериозно“. Мујановиќ тврди дека кредибилитетот на САД е нарушен со попуштањето како пред српските сепаратисти, така и пред хрватските, што, според него, се манифестирало со отстапки при минатогодишните уставни измени. Исто така, тврди Мујановиќ, „пропуштија да го осудат или барем да го критикуваат местењето и кражбата на изборите на Вучиќ минатиот месец“.

Милорад Додик е санкциониран од САД за корупција, а од Обединетото Кралство за поткопување на легитимитетот и функционирањето на Босна и Херцеговина.

Алиша Кернс, членка на комисијата за надворешна политика на британскиот парламент, која го водеше процесот за воведување санкции против Додик во 2022 година, ги поздрави прелетите на американските авиони, но исто така истакна дека сака да се зголеми воениот персонал и да се спречи судир во вид на приклучување на Обединетото Кралство во ЕУФОР, трупите на НАТО и во Брчко, но и Европската Унија конечно да им се придружи на САД и Британија во недвосмислена осуда на политиката на Милорад Додик и неговите соработници.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ