четврток, 20 јуни 2024

Ганиу му одговори на Османи: Ова што го правиш е партиска анархија

Објавено на

часот

Сподели

„Токму тоа го направи Бујар Османи, човек кој потекнува од Чаир и Скопје, човекот кој треба со душа да им помогне на своите жители, бидејќи е дел од највисоката хиерархија на извршната власт. Но, се чини дека не му е ни гајле за народот, но му е гајле како од позиција на прекршител на статутот, каков што е самиот, да упатува обвинувања за кршење на статутот кон други.

И еве од тука го информирам Бујар Османи, кој е портпарол на Демократската унија за интеграција, и кој треба да ги знае сите партиски прашања, а изгледа или не ги знае или не е заинтересиран да ги знае, дека секоја коалиција или соработка и за секој детал од тие коалиции и соработки што ги правевме на локално ниво, било во изборниот период или по изборите, го консултиравме и го информиравме лидерот на партијата Али Ахмети за сѐ и сѐ што направивме, го направивме со неговиот амин.

Би било добро Бујар да го прашаш лидерот, оти си портпарол и штета е да не знаеш што се случува во партијата“, вели Ганиу.

Според него, токму Османи заедно со Артан Груби го прекршиле партискиот статут кога тајно влегле во централното претседателство на ДУИ без партиски филтер, без да бидат членови на месните комитети, без избор од структурите… и повторно Османи го прекршил статутот кога бил  назначен за координатор во Чаир на 5 март.

„Статутот го прекршуваш и денеска Бујар кога обвинуваш за кршење на статутот додека работиме за нашиот народ за тие што нѐ избрале. Народот многу очекува од вас, а не да ја играте улогата на адвокат, дали бил прекршен или не партискиот статут. Бујар ова што го правиш и ти и тие другари министри со тебе, ни помалку ни повеќе се нарекува партиска анархија“, вели Ганиу.

Портпаролот на ДУИ Бујар Османи во изјава за „360 степени“ за последните превирања со фракционерите рече дека прекршувањето на статутот на партијата, како во сите политички партии, носи одредени одговорности.

„Прекршување на статутот во сите политички партии носи одредени одговорности, одредени одлуки. Од одлука за коалицирање со друга политичка партија без дозвола од Централниот совет на партијата, од Претседателството, од претседателот, нели коалицијата со Данела Арсовска е направена без согласност на партијата.

И тоа е големо прекршување кое не се дозволува во ниту една политичка партија, па дури и организација од кој било тип. Меѓутоа Ахмети е човек што обединува и никогаш лесно не донел одлуки за оддалечување на луѓе, не носеше одлука за одговорност кон тие што го прекршиле статутот, луѓе што јавно го негираат или, пак, ги критикуваат стратешките програмски определби на партијата: премиер Албанец, зелена агенда, останати прашања што партијата едногласно ги има донесено како стратешки одлуки, потоа јавно ги критикуват.

Дозволено е внатре во органите да имате каков било став, меѓутоа кога веќе излегувате јавно, кажувате ставови на партијата. Јас, како портпарол, во Претседателството знам да имам одреден друг став во однос на тоа што се разговара таму. Кога мнозинството утврдува една политика, јас како портпарол ја промовирам таа политика јавно пред граѓаните“, изјави Османи.

Ганиу одговори и за соработката со Данела Арсовска. „А за соработката со Градот Скопје се разговараше и во централното претседателство на ДУИ и на оваа тема потпретседателот Изет Меџити и организацискиот секретар Блерим Беџети дадоа појаснувања и ваквата соработка ја потврди и претседателот Али Ахмети. И многу добро те разбирам зошто токму сега отвараш ваква тема затоа што сакаш твоите прекршувања да им ги префрлиш на другите“, рече Ганиу.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ