Со Вештачката интелигенција сите оние кои што се сметаат за големи компании во новите технологии – технолошките гиганти ќе имаат многу широка власт. Ваквите стравувања не се неосновани, но важно е државите да го сочуваат сопствениот суверенитет, кој може да биде засегнат од примената на програми на технолошките гиганти.
Ганасија чија потесна специјалност е етиката во ВИ и етичкото расудување при компјутерското моделирање, смета дека е многу деликатно прашањето во однос на тоа дали сме подготвени за предизвиците што ги носи неконтролираната употреба на ВИ која е веќе реалност и дали е постигнат баланс меѓу иновациите во дигиталната технологија и нејзината етичка примена или сме само на почетокот на тој процес.
-Тоа е многу деликатно прашање, бидејќи она што е својствено на иновацијата е дека е тоа нешто ново и употребата никогаш не одговара на тоа каква би можела да биде регулативата. Замислуваме дека постојат ризици кои не одговараат на никаква реалност. Од друга страна постојат опасности кои воопшто не можеме да ги замислиме, што тоа со себе може да донесат. Конкретно, пред две години никој не можеше да го замисли она што со себе го донесе Chat GPT. Вие сосема сте во право, ја споменавте таа грижа на ЕУ и на европската заедница околу човековите права, суштинските слободи. Меѓутоа сметам дека во овој денешен свет треба да се грижиме и за современиот граѓанин, дали користењето на ВИ не го прави тоа делување на граѓанинот како граѓанин да биде се потешко поради целата таа законска регулатива која што ја спомнавме, вели Ганасија.
Во овој контекст тој конкретно посочува на претераното ширење на лажните вести, дезинформации и на важноста да се види која е улогата што ја има ВИ. При тоа дефинира две точки – автоматското генерирање на погрешни, на лажни информации и селективното испраќање информации во зависност од политичката ориентација на потенцијалниот примател со што, смета тој, се оневозможува јавна дебата.
-Луѓето многу одамна испраќаат лажни информации, а денес со ВИ можете да произведете многу лажни информации. Кој било може да ги создаде, да ги произведе и кој било може да ги испрати во целиот свет. Во овој контекст вие сте многу славни по едно гратче кое се вика Велес, каде млади луѓе, адолесценти, создаваа лажни вести. Меѓутоа за жал, поради вештачката интелигенција тие млади луѓе веќе нема да можат да најдат работа. Надвор од генерирањето на текстови, ВИ е веќе способна да генерира слики, видеа, фотографии, тоа навистина може да ве излаже затоа што може да помислите дека е тоа токму реалност. Тоа е првата точка според која ВИ игра централна улога во тој јавен простор, вели францускиот експерт пред предавањето кое предизвика голем интерес кај нашата стручната и академска јавност.
Втората точка, е профилирање на вкусовите, политичките тенденции на одредени граѓани, што може да се направи сосема автоматски со ВИ, а потоа врз основа на нивните политички ориентации селективно да им се испраќаат информации. Ризикот што тоа го носи со себе е фрагментација на општеството. Едноставно, луѓето не располагаат со ист тип на информации, и нема веќе јавна дебата.
-Од тие причини да се биде граѓанин денес е сѐ потешко затоа што немате една дебата која би била јавна и би ги опфатила сите. Така што секоја индивидуа се помалку може да ја извршува својата задача на граѓанин, затоа што таа граѓанска дебата ја има се помалку, а во авторитарните режими самиот граѓанин може да биде ставен во служба, односно да биде контролиран од страна на централните власти, вели професорот Ганасија.
Покрај овие политички предизвици кои се врзани околу развојот на ВИ, од друга страна, пак, вели, многу луѓе на некој начин ги води т.н. метафизички страв дека машините ќе ја преземат улогата што ја има човекот, дека ќе ја преземат власта и дека ќе раководат со општеството.
– Сите тие стравови се на некој начин антиципирани од страна на големите играчи во дигиталната сфера. И тие самите со своето поведение даваат повод за таквите стравови, а најверојатно тоа го прават за да го сокријат фактот што нивните компании постигнуваат астрономски капитализации, астрономски се износите за нивната вредност. Од друга страна тие самите со своето делување на некој начин ја преземаат власта од државата, смета тој.
За ривалитетот кој постои на глобално ниво во развојот на новите техологии каде едни се насочени кон затворени кодови за развивање на ВИ (Опен АИ), додека други (Дип Сик) користат отворени кодови за користење на ВИ и за нејзина поголема достапност, Ганасија вели дека ситуацијата е доста комплицирана бидејќи конкуренцијата постои не само меѓу државите туку и внатре во самите држави, а пример се САД.
-Опен АИ за да може да стане тоа што е, имаше потреба од многу силни инвестиции, за да се постигне голема моќност во математичките пресметки и затоа беа потребни многу процеси. Но со користењето на тие процесори на некој начин се оневозможи другите земји да пристапат до нив. Важноста на Дип Сик за Кина е двојна. До неодамна Кина на некој начин се задоволуваше со тоа да копира се што се произведува во САД, а сега таа развива нешто што е сосема ново користејќи еден јазичен модел кој може да биде „истрениран“ со многу мала математичка силина отколку американските како Chat GPT и другите. Ако тоа е точно тогаш и во други земји може да се продолжи да се иновира со помала цена на чинење, вели професорот Ганасија.
Кога станува збор за Европа проблемот е вели, што многу тешко може да се создадат големи компании или големи оператори во дигиталната сфера. Во Европа, додава тој, постојат голем број стартапи кои се доста иновативни, но кога ќе постигнат одредено ниво нив ги откупуваат големите американски компании.
За иднината на Европа тоа е еден голем политички предизвик, оценува специјалистот за ВИ, и не е сигурен каков ќе биде исходот за ЕУ на овој терен, но вели, постои волја да се инвестира во развојот на ВИ.
-Самитот за ВИ кој штотуку се одржа во Париз на некој начин покажа дека реално постои волја да се создаде инфраструктура за да може да се развие ВИ, но не се знае што ќе се случи, затоа што европското стопанско ткиво прави многу тешко да се создаваат големи компании на полето на дигиталната технологија. Меѓутоа светот еволуира, не се знае што ќе биде. Дали американските големи компании ќе настојуваат по секоја цена да се наметнат во Европа. Од друга страна случајот со Дип Сик покажа дека можеби не се потребни толкави инвестиции за да се развие доволна моќност за математички калкулации за да би можело да се дојде до убави резултати во ВИ. Значи сето тоа не се знае како ќе еволуира. Да, не сум сосема песимист, затоа што тоа што и е својствено на технологијата е дека може во својот развој да изненади, наведува Ганасија.
Тој се согласува со ставот дека тие што ќе доминираат со технологијата на ВИ, ќе доминираат и во политиката и развојот на демократските вредности во општествата.
-Да, тоа е токму така, тоа е стравот што можеме денес да го имаме. Значи мојот страв е дека навлегуваме во некој вид на феудално време, дека сите оние кои што се сметаат за големи компании во новите технологии – технолошките гиганти ќе имаат многу широка власт. Конкретно за американските избори кои што се одржаа неодамна, не се знае кој навистина победи –дали е тоа Доналд Трмп или Илон Маск. Значи кај тие големи оператори, големи компанија има една либертаријанска идеологија. Идејата е дека тие може да ги користат парите како што сакаат без никаков лимит кој би им го поставила државата. Во случај на ослабување на државата, таа би им отстапила дел од својот суверенитет на овие големи играчи, вели францускиот експерт и посочува на примерот со случувањата во САД со отпуштање државни службеници по претседателските избори.
Во однос на применувањето на ВИ предизвик кој што сите ги загрижува е трансформацијата на работниот процес.
-Голем е стравот денес дека невработеноста ќе се зголеми со зголемување на користење на бројот на роботите, на тие машини. Меѓутоа студиите покажуваат дека нема помалку работа и покрај присуството на машините, но постои трансформација на работата. Значи не се професиите тие кои што исчезнуваат, туку одредени работни обврски кои што се заменуваат. Од една страна тие автоматизирани процеси треба да се совладаат од страна на работникот оти со нивна примена се добива на продуктивност, а ако продуктивноста се зголеми ќе има потреба од помалку работници. Меѓутоа во исто време има и нови професии кои се раѓаат и глобалниот биланс е доста тешко да се евалуира, вели Ганасија.
Предизвик во примената на ВИ е и заштита и препознавање на авторството, а во таа рамка тој укажува на две важни прашања – дистинкцијата помеѓу она што е автоматски генерирано од ВИ и кое може да доведе до заблуда кај населението, и она што некој го направил со посредство на ВИ. Второво го допира токму прашањето околу авторското право и искористување од страна на машините на веќе создадени дела од уметници.
-Тоа е едно доста тешко прашање затоа што и ние самите во нашиот говор користиме изрази, зборови кои што претходно некои големи автори ги напишале. Нормално, ние на тие автори не им плаќаме авторски права. Оттука произлегува и целиот проблем, тоа е фактички во нашата култура. Во секој случај ЕУ сака секој од авторите да бидат обесштетени, но тоа е доста деликатно, комплексно. Според мене најважно е се она што човекот ќе создаде, одново на некој начин да биде искористено, вели Ганасија..
За тоа каде ја смета за највозбудлива употребата на ВИ, самиот вели дека прашањето би требало да биде во кои активности таа не се користи оти ВИ може да биде на многу места, па и таму каде не ја очекуваме.
-Ја имаме во здравството, во биологијата, науката, физиката, хемијата, во земјоделството… Нобеловата награда за хемија оваа година им беше доделена на информатичари кои со помош на ВИ имаат решено многу важен проблем – ресоздавањето на протеинските низи. Во исхраната исто има примена ВИ. Наскоро ќе може дури и да се следи карбонскиот отпечаток при одгледување на храната и со тоа самите да имаме едно доблесно однесување, наведува професор од Сорбона.
За Македонија како мала земја која се уште нема усвоено ниту регулатива, ниту етички стандарди во однос на примената на ВИ, порачува дека ако сака да биде дел од современиот свет мора да обезбеди применливост на сите техники на ВИ и пред се, да го заштити својот суверенитет од потенцијалната опасност.
-Ако сакаме да влеземе во современиот свет мора да се совладаат сите оние техники на ВИ. Законската регулатива е доста важна околу ВИ со цел одредени авторитарни режими да немаат можност да ја искористат само за сопствени цели. Најбитно е да се сочува сувереноста на земјата. Но, опасноста е големите компании од високата технологија да ви понудат производи кои се со доста ниски цени, и кои со тоа би биле примамливи, но со тоа би направиле да се изгуби сувереноста на земјата. Правната држава е директно врзана за сувереноста на една земја. Постојат големи групи кои може од аспект на внатрешната безбедност да ви понудат програми за визуелно препознавање на лицата и со тоа на некој начин да се изгуби дел од независноста. Исто така, постојат големи групи кои што можат да ви понудат систем за автоматско пресметување на даноците… Има повеќе начини на кои може да се изгуби дел од сувереноста, а сувереноста секогаш оди заедно со демократското општество, вели Жан-Габриел Ганасија кој беше гостин на дебатата насловена „Вештачката интелигенција и културата: револуција или еволуција?“ организирана од Францускиот институт во Скопје по повод 10. јубилејно издание на манифестацијата „Ноќ на идеите“.
MИА