ГАЛЕРИЈА
„Златна бубамара на популарноста“ – 29-ти пат го „позлати“ македонското секојдневје
Никој не почувствува дека Златна бубамара на популарноста е на прагот да ја заокружи својата трета деценија од постоењето. Синоќа, на 26 февруари, во СЦ „Борис Трајковски“, оваа манифестација која одамна прерасна во признание не само за наградените, туку и за учесниците во програмата, а и несомнено задоволство за публиката - го имаше своето 29-то издание. И повторно и оваа година ги собра и награди најдобрите музичари, актери, спортисти и уметници од сите области.
Програмата ја отвори Владимир Четкар со две свои нумери, тој беше и првиот награден со Златна Бубамара на популарноста за најдобар џез музичар. За најперспективна млада пејачка „бубамара“ доби Тина Русева, а специјална награда - Дамир Имери. Атмосферата музички дополнително ја загреаа добитникот на Награда за животно дело, фолк легендата Круме Спасовски и неговата позната „Чудна жена беше Вера“.
Награда за трајни вредности доби актерката Снежана Конеска – Руси. А во областа на театарот се доделија и награда за најдобар млад актер и најдобра млада актерка - Нина Елзесер и Тони Денковски. За претстава на годината беше прогласена „Пар распар“ на Театар Комедија.
На сцената награди примија и настапија и бројни музички ѕвезди од регионот, но и светски познати имиња.
Поп дивата Калиопи доби награда за пејачка на годината, а Слаткар доби награда за хит на годината за „Води ме“. Фолк пејачот Влатко Миладиноски доби награда за фолк концерт на годината. Од балкансите ѕвезди, Александра Радовиќ доби награда за најпопуларна поп пејачка а Жера од „Црвена јабука“ за трајни музички вредности. Награда за откритие на годината ја доби младиот хрватски пејач Јаков Јозиновиќ.
Владо Јаневски наградата ја прими од неговата хрватска колешка Весна Писаровиќ, која го и изведе својот хит „Да знаш“ а Јаневски пред крајот на вечерта се врати на сцената со новата песна „Принчипеса“.Британските легенди „Delegation“ и соул дивата Марта Хај исто така добија награди за животно дело и трајни музички вредности.Награда за животно дело од областа на ликовната уметност доби академик Васко Ташковски а награда за спортска легенда доби кошаркарот Владо Илиевски.
Бубамара не ги заборави значајните македонски уметници и спортисти кои ги загубивме помеѓу двете изданија на Златна Бубамара. Така Игор Џамбазов од сцената се присети на: Тоше Поп Симонов, Драган Б. Костиќ, Васил Рингов, Соња Каранџуловска, Ленче Делова, Лазе Манасковски, Милка Ефтимова, Сенка Велетанлиќ, Симеон Чулев и Илија Темелковски. А со песната „Абре македонче“ се одбележаа 50 години од смртта на великанот на македонската народна песна - Никола Бадев.
Фото:
Радио „Бубамара“






























