Минатото лето, Виктор Осимен се поврзуваше со неколку топ клубови од Европа, имаше и богата понуда од Саудиска Арабија, а откако му пропаднаа сите зделки, на крајот направи изненадувачки трансфер во Галатасарај, и се пресели во Истанбул на позајмица до крајот на сезоната.
Актуелниот шампион на Турција нема финансиска моќ како гигантите од најсилните првенства на стариот континент, но нема намера лесно да се откаже од намерата да го задржи Виктор Осимен, кој има откупна клаузула од околу 75 милиони евра.
Расим Заимоглу, член на бордот на директори на Галатасарај, ги повика навивачите да се обединат, да донираат пари и на тој начин да се соберат потребните средства за Виктор Осимен да биде купен во целост.
„Имаме 35 милиони навивачи, па доколку секој донира по 1 долари, ќе собереме 35 милиони долари. Доколку секој донира по 2 долари, тоа се 35 милиони долари. Пријатели, ајде да започнеме една акција. Имаме навивачи кои се подготвени да одвојат 1.000 долари, 10.000 долари, па и 100.000 долари. Па ајде да го задржиме Виктор Осимен во Галатасарај“ – вели Расим Заимоглу.
Доколку навивачите на Галатасарај навистина се мобилизираат и соберат пари за трансфер на Виктор Осимен, ова ќе биде прв еден ваков трансфер во елитниот фудбал.