Министерот за одбрана Јоав Галант објави соопштение за Хашем Сафиедин додека Израел почнува нови копнени операции во југозападен Либан, а Хезболах ја остави отворена можноста за преговори за прекин на огнот.
Се очекуваше Сафиедин, висок функционер на Хезболах, да го наследи Насрала. Според агенцијата Ројтерс, Сафиедин се нема огласено јавно по израелскиот воздушен напад на крајот на минатата недела.
„Хезболах е организација без глава. Насрала е елиминиран, веројатно е елиминирана и неговата замена“, им рече Галант на офицерите во северниот команден центар на израелската армија. „Нема кој да носи одлуки, нема кој да дејствува“, рече тој, без да даде дополнителни детали.
Како и Насрала, Хашем Сафиедин е свештеник што носи црн турбан, што означува дека потекнува од исламскиот пророк Мухамед. Неговата физичка сличност со Насрала, кој ја водеше либанската шиитска група повеќе од три децении, го направи и главен фаворит за негов наследник. Тој не присуствуваше на состанокот во јужните предградија на Бејрут на 27 септември кога Насрала беше убиен во израелски напад.
Сепак, тој беше главната цел на Израел, како влијателен лидер и потенцијален наследник. Како шеф на извршниот совет на Хезболах, тој ги надгледуваше политичките работи на групата и исто така беше член на Советот за џихад, кој ги управува воените операции.
Во телевизиско обраќање емитувано пред објавувањето на видеото со изјавата на Галант, заменик-лидерот на Хезболах Наим Касем рече дека ги поддржува напорите за постигнување примирје и за прв пат не го спомна окончувањето на војната во Газа како предуслов за ставање крај на борбите на границата меѓу Либан и Израел.
Касем рече дека Хезболах ги поддржува напорите на претседателот на парламентот Набих Бери, сојузник на Хезболах, за постигнување прекин на огнот. „Ги поддржуваме политичките активности на Бери заради примирје“, рече Касим во получасовното обраќање.
Останува нејасно дали тоа укажува на промена на ставот, по една година во која групата тврдеше дека се бори во знак на поддршка на Палестинците во Газа и дека нема да запре додека не се постигне прекин на огнот таму, истакнува Ројтерс.
Говорејќи од непозната локација, Касем рече дека конфликтот со Израел е војна за тоа кој прв ќе заплаче и дека Хезболах нема да биде првиот што ќе заплаче. Капацитетите на групата останаа недопрени и покрај „болните удари“ од Израел.
„Десетици градови се во дометот на нашите ракети. Ве уверуваме дека нашите капацитети се големи“, рече Касем.
Неговиот говор беше емитуван 11 дена по убиството на Насрала, најразорниот удар што Израел му го нанесе на својот непријател во последните децении. Касем рече дека групата ќе избере нов генерален секретар и ќе објави јавно кога тоа ќе биде направено.
Израел сè уште нема напредок во копнените судири што избија во јужен Либан пред една недела, рече тој.
„Во секој случај, откако прашањето за прекин на огнот ќе добие облик, и кога дипломатијата ќе стапи на сцената, може да се разговара за сите други детали и да се донесе одлука“, рече Касем. „Ако непријателот (Израел) ја продолжи својата војна, тогаш тоа ќе се решава на бојното поле“.
Областа на операции на Израел во Либан се проширува. Израелската војска соопшти дека спроведува „ограничени, локализирани, насочени операции“ во југозападниот дел на Либан, откако претходно најави вакви операции на југоистокот.
Додека Касем ја отвори можноста за разговори за примирје, израелската војска соопшти дека ја испратила 146-та дивизија во Либан, првите резерви што се распоредени преку границата.
Армијата не прецизираше колку нејзини војници моментално се во Либан. Сепак, претходно беше објавено дека во областа дејствуваат уште три воени дивизии, што значи дека веројатно има неколку илјади војници на либанска територија.
Тензиите во регионот предизвикани од нападот на палестинската вооружена група Хамас врз еврејските заедници во јужен Израел дополнително ескалираа во последните недели по серијата израелски воени операции против Либан. Иран, спонзор на Хезболах и Хамас, истрела ракети врз Израел на 1 октомври.
Вчера Иран го предупреди Израел против какви било одмазднички напади. Министерот за надворешни работи Абас Аракчи рече дека на секој напад врз инфраструктурата на Иран ќе биде одговорено.
Вчера Аракчи ја почна посетата на Саудиска Арабија и други земји на Блискиот Исток за да разговара за начините за „спречување на бесрамните злосторства на ционистичкиот режим во Либан, како и на продолжетокот на злосторствата во Газа“.
Извори за Ројтерс рекле дека арапските земји од Персискиот залив се обиделе да го уверат Техеран во својата неутралност во конфликтот.
Израелската армија повторно ги нападна јужните предградија на Бејрут во текот на ноќта и соопшти дека го убила шефот за буџет и логистика на Хезболах Сухаил Хусеин Хусеини, што е последно во серијата убиства на некои од највисоките функционери на групата.