петок, 18 октомври 2024

ГАЈА, најзборуваното вино во Европа

Објавено на

часот

Сподели

 

Ако италијанската северозападна област Пиамонте, покрај тосканскиот регион, заслужено си го осигури имиџот на производство на врвни вина, тогаш винарницата на 61-годишниот сопственик Анџело Гаја, со исто име, несомнено е најзборувана од страна на добрите познавачи на вина. Не се работи само за добар маркетинг, ниту за престиж, секоја голтка од овие луксузни шишенца со едноставна, многу елегантна етикета, вреди онолку колку што и ќе платите за неа. Ако цената на шишето „гаја“ ја поделиме на голтки вино, грубо пресметано би платиле по евро за голтка. Во случај да уживате во виното дома. Нема да зборуваме за голтките „декорирани“ со амбиентот на извиканите ресторани, особено на оние со „Мишелин-ѕвездички“.
Но ако веќе сме се фрлиле на елитна дегустација, да останеме елитисти до крај, земајќи ја за пример, сортата барбареско. Грозјето за ова вино се бере од 14 различни виногради во Пиамонте, многу е префинето и има потенцијал да „одлежи“ над 30 години. Не напразно, списанието „Вајн спектатор“ (Wine Spectator) ја прогласи „гаја барбареско, 1984“ за најдобро вино направено во Италија!
Вината „гаја“ спаѓаат во групата врвни вина според италијанската класификација. За неупатените, во Италија постојат три класификации на вино. Првата е најраспространета, станува збор за трпезно вино (или, вино ди тавола), втората ќе ја препознаете по ознаката „DOC“ (Denominazione di origine controlata), а третата група вина се „чита“ по ознаката „DOCG“ (буквата Г на крајот на кратенката го гарантира квалитетот на виното). Но постои уште една група на вина, на кои со ситни букви пишува „IGT“ (или, во поново време сѐ почесто се среќава како vini tipici).
За кого не се вината „гаја“? Добро, се разбира дека се за секого што има подлабок џеб, но навистина е жалосно да се најдат во чашата на некој што и не знае како се држи големата чаша од тенко стакло со елегантна ногарка, за црвено вино.
На секој друг луксуз новите богаташи брзо се навикнуваат. Ама овој е од оние што редовно ги издава.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ