понеделник, 15 април 2024

Г.г. Стефан: Македонија е земја-храм, земја-манастир, земја-крст

Ние како црква немаме проблеми со секуларизмот, ниту, пак, со било какво општествено уредување, коешто е избрано од мнозинството на народот. Впрочем, црквата живеела и во потешки времиња и секогаш пронаоѓала начини да ја извршува својата мисија. Но точна е констатацијата дека некои, водејќи се од погрешно толкување за идејата на секуларизмот, сакаат сосема да ја исклучат црквата од општеството и секој јавен став на Црквата да го сметаат за вмешување во државните работи. Тоа ние го сметаме за неприфатливо, вели меѓудругото поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан во инревјуто за порталот Литургија.мк.

Објавено на

часот

Сподели

Ваше Блаженство, пред 25 години, во 1999 година на Црковно-народниот собор во Охрид, бевте избран за петти Архиепископ на Македонската Православна Црквa (МПЦ). Во изминативе 25 години, Синодот на МПЦ растеше и денес брои деветнаесет архиjереји, што говори дека сме жива црква. Како народ, колку сме воцрковени и колку нашата црква успева да ја доближи верата до секој Македонец?

„Како да беше вчера! Поминаа незабележително, иако 25 години и не се малку. Но и не се битни годините, туку побитно е како поминале, и што останало и што ќе остане запаметено. Историјата секому ќе му забележи, и што е направено и што не е. Пред четврт век, со Божји благослов и со волјата на народот, ни се довери, ако може така да се рече, нам, на втората генерација архијереји, да го продолжиме раководењето на возобновената Охридска Архиепископија како МПЦ. Тоа беа години на исчекувања, години во кои продолжи отфрлувањето и понижувањето, но беа и години во кои опстојувавме во барањето на правдата и бранењето на нашата вистина. Не отстапивме од она за кое се залагаа сите наши претходници од Арсениј до Доситеј и наваму. И, да Му благодариме на Бога, се исполни времето: на 9 мај 2022 година, со Одлука на Цариградската Патријаршија, со благослов на Неговата Сесветост, Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, бевме примени во канонско и евхаристиско единство со останатите помесни Цркви, а на 5 јуни истата година, од Неговата Светост Патријархот Порфириј, го примивме Томосот за автокефалност, што ни го додели Архијерејскиот собор на Српската Православна Црква. За жал, и во ова време во недостаток на верската поука во училиштата, духовната литература и проповедта во храмовите се единствените помагала за запознавање на народот со вистините и со учењето на Светата Црква. Но, да се надеваме на подобри времиња“.

Која е визијата за понатамошен развој, но и за зачувување на културното богатство, кое е многубројно во нашата Татковина?

„Честопати велам дека нашата татковина е земја-храм, земја-манастир, земја-крст. Нашиот народ и кога за ништо друго немал ‒ за Бога и за верата своја имал. Низ сиве изминати години, во своето служење на нивата Господова, се обидувам да го продолжам градителското и обновителското дело на моите претходници на архиепископската катедра на нашата помесна Црква. А истото успешно го прават и останатите браќа архијереји. Изградени се и се градат многу сакрални објекти и тоа не само во Скопската епархија, туку и ширум нашата земја, како и меѓу нашите иселеници по светот. Многу е и направено и се прави, но и уште многу треба да се направи! Притоа, едно секогаш треба да помниме, богоугодно е храмови и манастири да градиме, но, потребно е и откако ќе ги изградиме храмовите да ги исполнуваме со верници, а манастирите со монаси, зашто само храмови полни со верен народ и манастири со монаси, се убави храмови и живи манастири“.

Македонската Православна Црква интензивно вложува и во богословското образование на својот кадар. Колку младите во Македонија се заинтересирани за изучување на богословските науки?

„Улогата на образовните богословски институции во животот на една црква е огромна, незаменлива. Во нив идните православни пастири се учат на богомислие и богољубие, се учат како за Бога да словат и како на Бога да Му се молат. Да, со радост можеме да кажеме дека денес нашиот Факултет и нашата Богословија имаат професори коишто, покрај во нашите образовни институции, се образувани и на врвните богословски центри во, Солун, Санкт Петербург, Москва, Букурешт, Софија, Рим, Бари, Берлин, Келн…, што говори дека на кадровско ниво образовните центри ни се во добри раце. Што се однесува до правото за запишување на последипломски и докторски студии за студенти коишто дипломирале на прв циклус студии на други научни области, одговорот е – да. Оние коишто студирале на факултети од хуманистичките науки, можат да се за запишат на магистерски студии на Богословскиот факултет, доколку за тоа добијат благослов од Светиот архијерејски синод“.

Во последниве години сѐ повеќе млади луѓе се иселуваат од Македонија. Колку МПЦ учествува во животот на нашите во дијаспората и како ја гледате иднината на дијаспората на МПЦ?

„Секој престој меѓу иселените нашинци секогаш ми донесува две спротивни емоции. Од една страна, радосен сум затоа што и денес потврдуваме дека како народ каде и да сме ‒ верата прадедовска не ја забораваме, од друга страна, секогаш сум и по малку тажен, затоа што самиот факт дека на Запад се јавува сѐ поголема потреба за наши нови храмови и дека постоечките сѐ повеќе се полнат, е и јасен знак дека татковината ни се празни. Тоа е сериозен проблем пред кој како народ и како општество сме исправени и се надевам дека во скоро време процесот на силно иселување, кој во последниве деценија-две ја зафати Македонија, ќе престане. Во спротивно, верата ќе ни опстои, за тоа сум спокоен, но ќе ги доведеме во прашање опстојот на државата, јазикот, традициите. Нашата црква ќе има иднина во дијаспората, а на нас коишто живееме во татковината, е да ја направиме Македонија попристојно место за живеење, место од кое младите не ќе сакаат да заминуваат, а заминатите ќе сакаат да се вратат“.

Секуларизмот е принцип на општествено уредување, според кој државните институции се одвоени од религиските институции. Но, денес секуларизмот се користи како изговор за целосно истиснување на црквата од општествениот живот. Сепак, во нашата држава верниците се вклучени во сите општествени настани и често јавно го искажуваат својот став по многу отворени прашања од секојдневното живеење. Дали МПЦ е доволно влијателна, или треба повеќе да се истакне нејзиното влијание во општеството, за креирање на современиот македонски христијански етос?

„Ние како црква немаме проблеми со секуларизмот, ниту, пак, со било какво општествено уредување, коешто е избрано од мнозинството на народот. Впрочем, Црквата живеела и во потешки времиња, и во оние на иноверно владеење и во доба на атеистички систем… и секогаш, во сите тие различни опстојателства, пронаоѓала начини да ја извршува својата мисија ‒ да ја сведочи верата во Отецот и Синот и Светиот Дух и да се грижи за својата паства. Но точна е констатацијата дека некои, водејќи се од погрешно толкување за идејата на секуларизмот, сакаат сосема да ја исклучат Црквата од општеството и секој јавен став на Црквата да го сметаат за вмешување во државните работи. Тоа ние го сметаме за неприфатливо. Црквата не се меша во државното уредување, но секаде и секогаш, по секоја цена ќе го брани достоинството на човекот“.

Човековиот живот сѐ повеќе се третира само во неговата земна димензија. Чувството за вечноста се заборава, а свеста за грев и за морални ограничувања, се прави обид да се избрише. Нашата Црква покажа одлучно спротивставување при обидот на некои групи и поединци грешните тенденции да се прикажат како „норма“. Но, постои повик на некои таканаречени правни експерти за адаптирање на религиозните гледишта и верувања, согласно со ЛГБТ наративите. Можеме ли како народ да ги зачуваме традиционалните вредности, кои претставуваат темел на нашето опстојување?

„Црквата никогаш никого на ништо нема да присилува, никогаш никому нема да му заповеда како да го живее својот личен живот. На црквата ѝ е туѓа нападноста, зашто таа исповеда вера во Троичниот Бог, Кој е Бог на љубовта. Љубовта Божја, пак, не може да биде агресивна. Но, не можеме да стоиме со наведнати глави и да молчиме кога некои од силните на денот нѐ прават слепи при очи со нивните наративи, кога се градат апсолутно невистинити квази-теории за постоење на кој знае колку родови кога се подбиваат со народот и ѝ се закануваат на Црквата, кога за паради на ‘гордост’ се нарекуваат јавни бесрамни чинови, кои дрско го навредуваат човековото достоинство.

Kоја е вашата порака до верниците?

„Мојата порака до верниците е да му благодариме на Господа за сите и за сè, срцата да ни бидат горе, упатени кон небесата, кон Господа, и да живееме ангелоподобно, прифаќајќи го за средиште на нашите животи Царот на славата. За тоа, пак, да биде така, секој кој е крстен и е христијанин треба, следејќи го светиот апостол Павле, да се стреми да се распне себеси со Христос, та да почувствува дека веќе не тој, туку дека Христос живее во него. А за тоа, животот треба да ни биде литургија, односно да ни биде заеднички благодарствен, евхаристиски принос.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ