сабота, 27 јули 2024

Г.г.Кирил од Вселенската патријаршија: Србите се приклучија кон Руската црква, лажен томос за ОА

Митрополитот на Имврос и Тенедос, г. Кирил, десна рака на вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј и одговорен за нашето црковно досие, во прво интервју за македонски медиум, ја пренесува перспективата на Вселенската патријаршија од каде што МПЦ-ОА очекува томос за автокефалност и прифаќање од севкупната православна екумена. Според Вселенската патријаршија, Охридска архиепископија е жртва на поголема игра на Русија за која валканата работа ја одработува Православната црква на Србија. „И тука Русите, растревожени да не ја изгубат и оваа земја – затоа што, за жал, тоа е целта, наметнувањето на Русија на оваа земја – ги натераа Србите, брзо-брзо, брзо-брзо, да го дадат тој псевдотомос“, вели г. Кирил во интервјуто за „360 степени“.

Објавено на

часот

Сподели

„Тоа е провокација, тоа е, дозволете да се изразам така, срам за Црквата. Додека сите стари патријаршии и стари автокефални Цркви и поновите никогаш не направиле такво нешто, сега дојде една од новите патријаршии, веројатно најмалиот според редот на патријарсите, Порфириј, српскиот, и го направи овој голем престап, да даде автокефалност. Кому? На една црква која, за жал, над 50-60 години ја држеа во изолација, ја мачеа, ја обвинуваа, ја клеветеа, ја озборуваа со најлоши зборови, основаа друга црква во рамките на оваа црква, за да можат да ги контролираат состојбите и сл. И кога видоа дека работите почнуваат да земаат еден друг замав, – со ставот на Руската црква, за жал, Србите се приклучија кон Руската црква, станаа орган на Руската црква и по налог на Руската црква – го направија овој голем престап: да ја дадат таа лажна хартија – та тоа нема суштина, тоа е лажен томос, никој го нема признаено, баш никој, освен Русија, која од конкретни причини го стори тоа.

И за жал – тоа нè растажува нас – што некои архијереи овде не ја разбраа играта што ја играат Русите со Србите. Се разбира, тоа е една многу долга приказна, за тоа што точно се случи во текот на целиот овој период, за да стасаме до каде што стасавме, но како што ви кажав, мораме со искреност и со чесност да му кажеме на народот, за и народот да ја дознае вистината. Кога со години Вселенската патријаршија се обидуваше да најде решенија, тие што нè туркаа в ѕид беа самите Срби. Кога се склучи Преспанскиот договор и заврши прашањето со името, патријархот веќе, по консултација со владата овде, со владата на Грција, ги молеше, буквално ги молеше Србите да дојдат и да седнеме на маса, за да изнајдеме решение. Пишувавме писма до блаженоупокоениот патријарх на Србија, Иринеј, за да дојдат, да разговараме за ова прашање. И тој не ни одговори. Патријархот (вселенски) не сакаше да направи нешто игнорирајќи ги Србите, од љубов и од почит. Патријархот ја почитува и сака секоја држава, секоја земја, секоја нација, секој народ; ги признава неговите права, го признава нејзиниот територијален интегритет, го признава идентитетот, националниот идентитет на една држава. Патријархот не настапува, за да се вмеша и да стане окупатор. Не. Вселенската патријаршија сака да даде решенија и да помогне помесните цркви да излезат напред, да бидат слободни, за да можат и тие да им помогнат на луѓето, на народот. Затоа што тоа е мисијата на секоја помесна црква.

Пишувавме, значи, писма, не ни одговараа. Умира блаженоупокоениот патријарх на Србија, Иринеј, доаѓа Порфириј. Му напишавме едно, му напишавме две (писма), не одговори. Третиот пат му подрековме: „Видете, ако не ни одговорите, ќе бидеме принудени да продолжиме самите“. Тука работите малку натежнаа. И ни пишува едно писмо, кое поскоро беше малку невкусно исмевање кон вселенскиот патријарх. Тој напиша: „Да, да се сретнеме и да разговараме, но сега не можам, затоа што одам во термални бањи на терапија. Исто така, и архиепископот Стефан, и тој ќе оди во термалните бањи на терапија“. И иако ни го напиша ова писмо, ние дознаваме – бидејќи денес сè се дознава лесно – дека тие имале тајна средба во Ниш, каде што биле договарани работи одзади грбот на Вселенската патријаршија и со укажувања од Руската црква. Тоа се нечесни работи. И тогаш, значи, Вселенската патријаршија рече: Го искористувам правото на еклитон (апелација) што го побараа јерарсите на Охрид. Им давам каноничност. Дека се канонски, немаат проблеми, ги признаваме. И тоа беше едно многу големо нешто. Помислете само, толку години луѓето живееја во раскол овде, и епископите, свештениците, монасите, монахињите, се вршеа свети таинства, венчавања, крштевања, погребенија, божествени литургии, хиротонии… под претпоставка „шизматички“. Патријаршијата постапи според икономија и рече: Го признавам сето тоа. Заради тоа што се направени во името на Света Троица и заради тоа што нема догматски проблем со конкретните клирици и јерарси, сето ова го признаваме и продолжуваме сега, за да го решиме прашањето, еклисиолошко и црковно. И тука Русите, растревожени да не ја изгубат и оваа земја – затоа што, за жал, тоа е целта, наметнувањето на Русија на оваа земја – и ги натера Србите, брзо-брзо, брзо-брзо, да го дадат тој псевдотомос, којшто сѐ друго, освен што помогна. Во стварноста ја зароби овдешната Црква на Охрид, бидејќи никој не ја призна оваа автокефалност“, рече во интервјуто за 360степени г.г. Кирил, кој е од Грчката православна црква.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ