сабота, 27 јули 2024
Рајко Пеколски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Функционери

Повести за многупоучните бесрамно бесмислени и несомнено вистинити авантури на многунепочитуваниот даночен обврзник потрошувач гласач и дисциплиниран пушач Неговото граѓанско Височество - граѓанинот Шљупков и за тоа како тој виде посведочи и доживеа многу згоди и незгоди во Апсурдистан и северно од него извлекувајќи високопоучни слова за граѓанските доблести на послушноста политичката коректност јавниот ред и морал правото и демократијата или скратено – таму негде јужно на север.

Граѓаните на Апсурдистан беа многу непрокопсани. Постојано се жалеа дека во Апсурдистан ништо не функционира, особено функционерите. Впрочем, граѓанинот Шљупков се обрати со формална жалба и до самата Метафизичка управа. Оттаму по ова прашање  му беше одговорено дека впрочем во Апсурдистан ништо и не треба да функционира, освен функционерите, кои пак, бидејќи се викаат функционери, следствено на тоа и мора да функционираат, инаку не би биле функционери. Шљупков поднесе жалба дека тоа е тавтологија, но од Метафизичката управа му беше одговорено дека тоа е закон, а законот е универзален и трансцендентален, а кој не го разбира и согледува тоа е тафтабита. И за да ги награди функционерите заради нивното беспрекорно функционирање како функционери, Метафизичката управа им ги зголеми платите за 78 проценти, додека на останатите граѓани на Апсурдистан им ги намали, бидејќи тие и без тоа не функционираа. Бројката од 78 проценти, се велеше во официјалното соопштение на Управата, е добиена како идеален коефициент според најделикатните формули на питагорејскиот нумерички херметизам, во кој само тимбите од Метафизичката управа се кадарни да проникнат, и оттука, оваа формула е неоспорна и неотповиклива.

Тогаш Шљупков започна штрајк со глад, меѓутоа Метафизичката управа го прогласи неговиот штрајк за ништовен, бидејќи граѓанинот Шљупков и веќе и онака беше гладен. Згора на тоа, Метафизичката управа се прогласи за ненадлежна за гладта, жедта и другите биолошки и физиолошки потреби на граѓаните на Апсурдистан, бидејќи тие спаѓаат во сферата на феномените, а Метафизичката управа се бави само со ноуменални работи, како што се мислењето, расудувањето и високомудреноста на законите.

Немајќи веќе друго чаре, Шљупков на тоа одговори дека, во тој случај, ќе почне штрајк со немислење. Спротивно од последиците на штрајкот со глад, последиците од штрајкот со немислење се покажаа неверојатно поволни по граѓанинот Шљупков: најпрвин престана да го боли глава, потоа, наместо други нему да му се качуваат на глава, тој им се качуваше на сите на глава, згора на тоа, бидејќи не го користеше паметот, можеше да го издава под кирија, па финансиската состојба значително му се подобри (паметот на Шљупков, имено, имаше поприлично голема квадратура штом можеше да спори со Метафизичката управа, но уште повеќе, штом дојде до таква генијална идеја да штрајкува со немислење!). Но најважно од се, од сето ова испостави дека Шљупков совршено ги исполнуваше законските прописи на Апсурдистан да стане владин функционер: издржа да не мисли воопшто веќе со месеци, на сите им се качуваше на глава, и го издаваше паметот под кирија. И така, на Шљупков, во согласност со словото на законот му беше понудена висока владина функција, која Шљупков, кој веќе и така веќе се беше навикнал да не мисли, ја прифати. За притоа на Шљупков, или на неговите сега веќе колеги-функционири да не им текне да почнат пак да мислат, Метафизичката управа дополнително им ја дуплираше платата. За да продолжат да функционираат. Беспрекорно.

Секако, на целомудрената Метафизичка управа не можеше да не ѝ биде јасно дека сите не може да бидат функционери во Апсурдистан –  та некој мораше и да му ја мисли! Со тоа секојдневно (и секојноќно) се занимаваа граѓаните на Апсурдистан, на кои неуморните и трудољубиви функционери на апсурдистанската администрација чесно и посветено им задаваа најразлични маки и грижи, та овие и тоа како мораа да му ја мислат! И при такви усрдни и вредни функционери – уште и се осмелуваат да се жалат дека нивните плати биле превисоки! Какви неранимајковци!

Останува неодговорено прашањето кому овие функционери му го издаваа паметот под кирија. Бидејќи граѓаните на Апсурдистан секако не можеа да си дозволат толку скап памет, се ширеа гласини дека паметот на функционерите е закупен од странскиот капитал. Згора на тоа, се вели, одредени странски амбасади, заради изобилството на зелени површини во паметот на апсурдистанските функционери, претпочитале токму таму да ги градат своите претставништва. Но, рековме дека сето ова се само гласини, и затоа тука го завшуваме нашето излагање за апсурдистанските функционери.

Рајко Пеколски

КОЛУМНИ

Ристо Цицонков

Тoплински острови во градовите

Дарко Митревски

Да не се лажеме

Стефан Вељановски

Зошто треба да инвестираме повеќе во жените од руралните подрачја?

Бојан Блажевски

Чечичен молк: Долг е патот до автопат

Наташа Јаневска

Пет проценти од буџетот на државата за образованието е клучот за...

Шанг-Јин Веи

Дaли атентатот ќе му донесе победа на Трамп?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ